Цените на храната се уште високи, инфлацијата придушена!

Цените на храната останаа високи, но не растат. И покрај мерките на Владата за замрзнати цени и ограничени маржи, тие и натаму се високи. Причината за ваква состојба, според експертите е што Владата долго време ја криеше инфлацијата со изговор дека таа е увезена и оти не можат ништо да направат. Но, кога стана двоцифрена и кога силно удри врз животниот стандард на граѓаните, мораше да преземе радикални мерки како замрзнување на цените, која е непазарна мерка и која бизнисот не ја прифаќа

159

Цените на храната остануваат високи, а стапката на инфлација се намали. И покрај мерките на Владата за замрзнати цени и ограничени маржи, цените и понатаму остануваат високи. Причината, според експертите, е што Владата долго време ја криеше инфлацијата со изговор дека таа е увезена и оти не можат ништо да направат. Но, кога стана двоцифрена и кога силно удри врз животниот стандард на граѓаните, мораше да преземе радикални мерки како замрзнување на цените, која е непазарна мерка и која бизнисот не ја прифаќа.

-Едно е да се намалат цените, а друго е да се намали стапката на инфлација. Владата успеа да ја намали стапката на инфлација од 17 отсто во јануари на 14 отсто во февруари, но не успеа да ги намали цените. Факт е дека никогаш после висока инфлација цените не се намалуваат, но има забавување на инфлацијата. Јануари и февруари ситуацијата со цените беше многу лоша, односно имавме драстично зголемување на цените на храната и затоа Владата презема вакви радикални – непазарни мерки. Надвор од пазарна логика е државата да одредува цени со декрет, односно на сила. Таа го исклучи бизнисот од консултации и дојде до нарушување на соработката и довербата меѓу државата и бизнисот, изјави за ВЕЧЕР, Дарко Лазаров, универзитетски професор.

Според него, Владата не успеа да воспостави контрола на растот на цените. Таа долго време се трудеше да ја игнорира инфлацијата со изговор дека е увезена и оти не може ништо да направи.

-Од друга страна со зголемување на минималната плата и со очекувањата за подобар животен стандард се подгреа инфлацијата. Платите пораснаа и покрај тоа што немаше реални фактори за тоа, како зголемена продуктивност, конкурентност, технолошка модернизација…, додава Лазаров.

Овој проблем неодамна го алудираше и Светска банка која предупреди дека одржување на контролирани цени на долг рок не е одржливо и може да доведе до недостатоци на стоките или услугите и во услови на несовршена конкуренција.

-Јас лично не поддржувам контроли врз цените, меѓутоа ако погледнеме истражувања за земји членки на ЕУ и ако ги разгледаме маржите во Македонија, ова што се случи изминативе години поради несовршената конкуренција видовме големи зголемувања на маржите, односно профитите кои што не можат да се објаснат или да се оправдаат со било што се случува на пазарите во моментов, освен со монополистичка или олигополистичка позиција, односно фалинки на пазарот кои што им одат во прилог на мал број од учесниците на пазарот, а одат на штета на голем дел од населението а најмногу најранливите сегменти од населението, истакна Сања Маџаревиќ–Шујстер, виш економист во Светска банка за Западен Балкан.

И од Организација на потрошувачи на Македонија велат дека и покрај мерките на Владата цените останаа високи, но важно е што не продолжија да растат.

-И покрај замрзнувањето на цените и ограничувањето на маржите производите се уште се скапи. Но, она што е важно е дека цените не растат на оние производи на кои се ставени ограничувања. Така на пример лебот, млекото и другите основни производи можеа да се покачат за 10, 20… денари, но тоа не се случи. Владата не успеа да ги намали цените, но успеа да ја намали инфлацијата и колку толку да го заштити стандардот на граѓаните од евентуален понатамошен пораст, изјави за ВЕЧЕР, Маријана Лончар Велкова.

Но зголемената инфлација е проблем и за цела Европска унија, каде кога ќе се спореди растот на платите со стапката на инфлација од 9,2 отсто минатата година, произлегува дека зголемувањето на платите компензирало само половина од зголемувањето на трошоците на живот.

(А.С.)