АНКЕТА: Дали очекувате новата Влада да донесе подобар живот во Македонија?

13649

Активностите на учесниците на двојните избори за претседател на 24 април и за пратеници на 8 мај се интензивираат. Најголемите политички партии викендов ги презентираа програмите за парламентарните избори, а дел ги промовираа и носителите на листите за пратеници, како и претседателските кандидати.

Продолжуваат ветувањата во предизборието. СДСМ ветува дека ако го добие мандатот на граѓаните просечната пензија ќе биде 500 евра. Тие велат дека имаат јасен и конкретен издржан план преточен во новата изборна програма.

„Повисок животен стандард, европски плати и пензии се еден од клучните столбови на планот за европска иднина на Македонија. Во 2028 година минималната пензија ќе биде 20.000 денари, а просечната пензија 30.000 денари или 500 евра. Дополнително се предвидува мерка- новогодишен пакет од 100 евра за секој пензионер во државата. Во изминатите седум години СДСМ покажа и докажа дека ги исполнува ветувањата и дека работи за доброто на сите. Просечната пензија порасна, ја зголемивме за 6.400 денари, а минималната за 50%“, велат од СДСМ.

ВМРО-ДПМНЕ се обврзува на намалување на невработеноста до 7.5% и до 5% годишен раст на економијата, велат од партијата.

– Со „Платформа 1.198“ се обврзуваме на раст на БДП до 5 проценти годишно, ниска стапка на инфлација не повеќе од 2-2,5 проценти годишно, буџетскиот дефицит постепено ќе се намалува на ниво под 3 проценти од БДП, намалување на невработеноста до 7,5 проценти односно создавање на нови 55 илјади работни места – рече Мицкоски, најавувајќи задржување на рамниот данок, незголемување на данокот на личен доход и на данокот на добивка, даночно ослободување кај данокот на личен доход за нововработените млади до 29 години, целосен поврат на данок на личен доход за секоја вработена жена со новороденче…

Програмата на СДСМ, пак, како што посочи во саботата лидерот на партијата Димитар Ковачевски, се заснова на неколку столба – европски плати и животен стандард, достоинствен живот за пензионерите и поддршка за младите, силна домашна економија и модерна европска инфраструктура. Најави новогодишен пакет од 100 евра за секој пензионер во државата и по 200 евра месечно во првите 12 месеци за секое прво вработување на лица до 26 години. Вети завршување на преговорите со ЕУ до 2028 година и членство до 2030 година, просечна плата од 1.100 евра и минимална плата од 600 евра.

Дали очекувате новата Влада да донесе подобар живот во Македонија?