EPA-EFE/ANDREJ CUKIC

Кошаркарите на Панатинаикос го совладаа Олимпијакос на петтиот натпревар од финалето на грчкиот шампионат, и со тоа ѝ го додадоа трофејот од домашното првенство на титулата во Евролигата. Само еден ден подоцна, од Грција пристигнува неверојатна вест: уапсен е Кендрик Нан, најдобриот играч на „зелените“ оваа сезона.

Наводно, американскиот кошаркар бил приведен во полициската станица Врилиси, во предградието на Атина, по вербален конфликт со својата сопруга. Иако избраничката не сакала да го тужи за ваквата ситуација, окружниот правобранител побарал Нан да биде приведен, согласно со важечките закони во Грција.

Деталите за целиот инцидент, пренесени од „Еурохупс“ и од грчките медиуми, сè уште не се целосно познати, но Кендрик Нан го помина викендот во притвор.

Инаку, Кендрик Нан пристигна во Панатинаикос во текот на сезоната. Тој се покажа како едно од најголемите засилувања во европската кошарка во оваа натпреварувачка година, бидејќи го прероди тимот на Ергин Атаман. Го предводеше грчкиот клуб до трофејот во Евролигата, што беше во согласност со очекувањата. Пред Панатинаикос, играше за Мајами, ЛА Лејкерс и за Вашингтон, па пристигна во Атина со реноме од НБА.

Во текот на сезоната во Евролигата, одигра 35 натпревари за Панатинаикос и, во просек, постигнуваше по 16 поени. Имаше и три асистенции на меч и 2,7 скока против најдобрите европски клубови. Беше импресивен на крајот од сезоната – на последните три меча од серијата против Макаби ТА, постигна 25, 27 и 26 поени, потоа постигна 14 против Фенербахче во полуфиналето и дури 21 против Реал Мадрид, во финалето на Евролигата.