В недела Мицкоски ќе ги објави неговите фаворити, Влада ќе се гласа на Духовден

323

Собраниската седница за избор на новата Влада ќе се одржи следниот викенд – во сабота ќе почне расправата,  гласањето ќе биде во недела најдоцна до полноќ, а веќе во понеделник, на 24 јуни, новите министри ќе седнат во фотелјите на „Илинденска“.

Првичниот план Македонија да добие нова влада помеѓу верските празници Курбан бајрам и Задушница, односно на 20 јуни, се помести за 24 јуни, за да се избегнат критиките од опозицијата дека пратениците ќе немаат време да ја разгледаат владината програма и биографиите на министрите што ќе ги достави мандатарот Христијан Мицкоски.

Дека ќе се остави простор неколку дена за пратениците да го разгледаат доставениот предлог на мандатарот Христијан Мицкоски, потврди и собранискиот спикер Африм Гаши.

„Ако дојде предлогот понеделник или вторник, ќе оставиме неколку дена да се разгледа и потоа да свикаме седница за избор на Влада“ – вели за Канал 5, спикерот Гаши.

Веќе е извесно дека предлог-составот за владиниот кабинет ќе биде официјално доставен до Собранието во вторник на 18 јуни, а претходно треба да поминат и последните филтри во највисоките партиски тела.

ВМРО-ДПМНЕ на извршен и централен комитет овој викенд, поточно в недела треба да ги одобрат кадровските решенија и потоа јавно да ги соопштат кои се избраните имиња за идни министри, а истото за викендов го најавија и од Движењето ЗНАМ. Во Вреди, пак, со имињата на новите министри излезе БЕСА,  Алтернатива деновиве ќе донесе  конечен став за кадрите, а од Алијанса на Таравари и Демократско движење веќе има партиски одлуки.

Потврдено е дека Изет Меџити ќе биде прв вицепремиер и министер за екологија, Арбен Фетаи вицепремиер за добро владеење и Арбен Таравари министер за здравство. Од БЕСА Фатмир Лимани е кандидат за министер за социјална политика, демографија и млади, Бесар Дурмиши за министер за економија и труд, а Седат Сулејмани е кандидат за заменик-министер за култура и туризам. Од оваа партија, по одржаното Собрание, завчера вечерта,  соопштија дека едногласно ги избрале кандидатите за членови на новата влада. Нивните имиња официјално треба да бидат изгласани и во парламентот.

Во поделбата на ресорите, ВМРО-ДПМНЕ добива 13 министерства, Вреди шест и две министерства партијата на Максим Димитриевски. Според извори од новата владина коалиција, веќе имало конечен договор и за поделбата на директорските места, но сè уште нема одлуки за тие кадровски решенија.

Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојаноска за „Анализа“ на ТВ24, истакна дека одлуките кои ќе ги носи ВМРО-ДПМНЕ нема да бидат избрзани, туку мудро донесени во корист на граѓаните и затоа внимателно се избира кои ќе бидат носители на функции. Секој што ќе добие функција ќе биде компетентна личност, личност која нема валкан багаж, која ќе знае да се соочи со тоа што го очекува, да ги обелодени криминалите на претходната власт и ќе знае да менаџира. Најважното е дека ќе се изберат личности кои не треба да грешат, затоа што нема простор за тоа, рече Стојаноска.

Собранието го донесе Законот за реорганизација на органите на државната управа, чиј предлагач беше пратеникот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој е и мандатар за состав на новата влада, со што  се предвидува да бидат формирани или реорганизирани определен број министерства во рамките на самата влада. Така, наместо досегашните 16, во владата ќе има 20 министерства.