Македонските слемерки и слемери на „Коронаслем 9“

272

Македонските слемерки Елена Пренџова, Цветанка Колева и Марија Грубор и слемери Игор Трпчески – Трпче и Горазд Китановски – Кени во петок, на 22. мај во 18 ч. ќе настапуваат на онлаjн регионалниот слем-настан „Коронаслем 9“.

Коронаслем е слем-серијал кој се одржува секој петок во исто време и кој во живо се стримува на Јутјуб-каналот. Серијалот го организира повеќекратниот хрватски национален слем-победник Дино Тременс кој секоја недела претставува по неколку слем-имиња од екс-ју регионот.

По претставувањето на хрватските, српските и словенечките слемерки и слемери, деветтата епизода од серијалот е посветена на најпретставителните македонски слемерки и слемери.

Пренџова е една од водечките слемерки во земјава, првенката на слемот во Македонија и соорганизаторка на националниот слем – традиционален слем-настан што секоја година се одржува во Прилеп и на кој се избира националниот/та претставник/претставничка кој/а секоја година ја претставуваат Македонија на Европското слем-првенство.

Игор Трпче е организатор на прилепскиот национален слем и двократен победник на истиот. Грубор е македонската претставничка на Европскиот слем за 2018 година, а Колева, на натпрварувачките слемови освојува први и втори места , а кога не настапува, е една од членките на слем-жирито. Горазд Кени е млад слемер во најава со маркантни настапи и изграден стил под влијание на најсовремените текови на рапот и перформативната поезија.

Настанот може да се следи на следниов Јутјуб-линк: https://www.youtube.com/user/Tremens1/live

Фејсбук-настан на следниов линк: https://www.facebook.com/events/268864254518971/