Ваучерите ќе го спасат колапсот на домашниот туризам 

Во вториот пакет економски мерки предвидени се ваучери од над 16 милиони евра кои ќе бидат доделени на над 100 илјади граѓани. Овие ваучери ќе можат да се искористат само во домашните хотели и приватни капацитети

90

Хотелиерите задоволни од третиот пакет економски мерки за помош на македонскиот туризам. Во него се предвидени по 100 евра за околу 100.000 граѓани, кои ќе ги добијат средствата во вид на ваучери, плус дополнителна платежна картичка во вредност од 50 евра.

Како што истакна министерот за економија Крешник Бектеши по состанокот со претставниците на ХОТАМ рече дека сакаме да им помогнеме на хотелиерите и да ги подобриме услугите за посетителите.

-Во вториот пакет економски мерки предвидени се ваучери од над 16 милиони евра кои ќе бидат доделени на над 100 илјади граѓани. Овие ваучери ќе можат да се искористат само во домашните хотели и приватни капацитети. Со овие ваучери сакаме да ја поттикнеме домашната потрошувачка и да го поддржиме овој многу важен сектор за македонската економија, изјави Бектеши.

Претседателот на организација на хотелиери ХОТАМ, Крсте Блажески истакна дека ваквиот потег на Владата е во вистинско време, бидејќи голем дел од странските туроператори ги откажуваат аранжмани.

-Нашата надеж годинава е во домашните гости, бидејќи има голем број откажувања од странски туроператори. Сезоната е на почеток, лани овој период имавме многу странски гости, а капацитетите беа исполнети 80 отсто. Загубите се големи и кај хотелско-угостителските капацитети и кај рестораните. Се надеваме дека рестораните брзо ќе се отворат и ќе го надминеме овој тежок период и оваа пандемија, изјави Блажевски.

Тој додаде дека има разни категории сместувачки капацитети и оти за брзо време ќе ги одредат цените и граѓаните ќе можат да ги користат своите ваучери. Според пресметките, на овој начин во домашните туристички капацитети се очекуваат најмалку половина милион гости, но и дополнителен прилив на приходи.

Блажески е задоволен со досегашните мерки од Владата иако дополнително очекува и поконкретни мерки за долгорочен спас на туризмот во државата. (А.С.)