Драма на „Рекет“

Боки 13 се пожали дека го нападнале затворските полицајци, директорот на затворот тврди - го чуваме како бебе!

107

Рочиштето за “Рекет“ и денеска почна драматично. Се слушаа приватни разговори на Бојан Јовановски-Боки 13 и Зоран Милевски Кичеец, но заради заштита на приватноста, судијката ги исклучи новинарите.

Боки 13, кој на сите досегашни судења се жалеше на сериозната здравствена состојба, вчера се пожали на полициска тортура во затворот. На влегување во судницата Бојан Јовановски им кажа на новинарите дека задоцнил на судењето поради тоа што бил нападнат од затворските службеници во истражниот затвор во Шутка.

Веднаш потоа, директорот на затворот Есад Рахиќ изјави дека немало никаков напад, туку дека Боки не дозволувал да му стават лисици на рацете кога службениците, постапувајќи по правила на службата, требало да го спроведат во судот.

-Немало никаков напад. Тој само прави драма. Седум месеци затворските службеници го чуваат како бебе, не смеат глас да кренат на него, а не па нешто друго да направат, изјави Рахиќ.

Но, што зборувале Боки 13 и Кичеец јавноста не дозна. Судијката Васка Николовска Масевска го затвори за јавноста бидејќи, како што рече, приватните разговори ќе се слушаат зад затворени врати.

Првообвинетиот и ексспецијалната обвинителка Катица Јанева, бараа дека јавноста треба да ги слушне овие разговори, кои бизнисменот Орце Камчев ѝ ги предал на обвинителката Вилма Русковска. Тврдеа дека овие разговори биле клучот за „Рекет“, односно дека разговорите ќе откријат дека Боки бил изманипулиран поради релацијата што ја имал со Кичеец. Судијката рече дека нејзина обврска е да се грижи за приватноста.

За Јанева овие разговори биле клучот за „Рекет”, а истиот став го дели и Јовановски. И двајцата на вчерашното рочиште за „Рекет” беа согласни дека овие разговорите ќе ја откријат релацијата што Боки 13 ја имал со Кичеец, како и тоа дека бил изманипулиран.

Но, Пандорината кутија како што Јовановски ги нарече овие разговори ќе останат тајна за јавноста. Јанева посочи дека со овие разговори јавноста ќе добие поинаква слика за целата постапка за „Рекет” и дека ќе биде даден одговор на тоа кој манипулира, кој нуди поткуп, кој нуди рекет…

Боки 13 беше гневен на фактот дека бил сниман. Во дел од снимките кои јавноста ден претходно имаше можност да ги чуе постои и телефонски разговор помеѓу него и Камчев во кој Јовановски е недоверлив и му вели на соговорникот дека има чувство дека некој друг им ги слуша разговорите.

“Камчев: Ти ми кажа да пуштам барање. Јас се видов и со Тони. (Овде најверојатно зборува за адвокатот Антонио Апостолски)

Јовановски: Не зборувај со адвокати. Има и други околности. Сè ќе ти објаснам. И да ти кажам друго е кога би зборувале во очи. Тогаш барем не се устручавам. Со кого си ти?

Камчев: Сам сум бе, не се зборат вакви работи пред секого. Ти се колнам дека сум сам.

Јовановски: Не знам, некако имам претчувство дека уште некој ни го слуша разговорот.

Снимките поделени во фолдери и со записник за примопредавање завршиле во рацете на Русковска. Таа Камчев го вика сведок која ги отвора доказите.

Во друг разговор Камчев му вели на Боки 13 во кои особини се карактерно слични алудирајќи на тоа дека и двајцата сакале да трошат, но се разликувале во тоа што Камчев инвестирал.

„Јас сум бетер од тебе. Зимам, трошам али и инвестирам. Имам и јас цела колекција од часовници. Сега да имам 10 милиони, за месец дена се веќе инвестирани. Милион треба да обезбедам. Ок шефе, немај гајле. Ќе обезбедам”, му вели Камчев на Боки 13 на една од снимките.

„Рекет” продолжува во понеделник со нови докази.