Пимен: Барањата од Вселенската патријаршија не се толку големи за да не може да се најде решение!

239

Барањата од Цариград, за кои пред неколку дена извести архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан, само уште еднаш потврдија дека прашањето за добивањето на томос за нас е само политичко, а не канонско, изјави митрополитот Петар. Неговиот колега од Европската епархија, пак, владиката Пимен, смета дека барањата од Вселенската патријаршија за добивање томос за автокефалност не се толку големи за да не може да се најде решение и вели дека тоа не е ништо ново.

„Тие беа трите услови – околу употребата на името, прашањето на имотите во дијаспората и сослужувањето со Украинската црква. Не се толку тешки тие работи, мислам дека со разговори може да се решат тие прашања“, вели владиката.

Тој истакнува дека и нему не му е познато зошто е ригиден ставот на МПЦ-ОА кон признавањето на Украинската црква и зошто Светиот синод би имал потреба да анализира. Можеби, вели, затоа што има извесен однос на сочувство кон Руската црква, но смета дека и тоа прашање е решливо.

За прашањето на отстапувањето на имотите во дијаспората, г. Пимен вели дека тоа се имоти на црквата изградени од дијаспората, некои цркви се стари и еден век, за разлика од Украинската црква која нема имоти во дијаспората. Но, нагласува, и тоа не се бара изрично.

„Можеби изгледа прифатливо сега во неколкуте години кога многу Украинци се раселија низ светот некој да им даде црковни имоти. Но за нас тоа е неприфатливо нешто што се градело во минатото да се даде како на тацна. И ниедна црква не би дала свој имот. Архиепископот даде дообјаснување дека доколку сите други цркви би прифатиле да ѝ ја отстапиме дијаспората на Цариградската патријаршија, дека и ние би се вклучиле во тоа. Но, не е до толку страшно прашањето, затоа што не се бара отстапување на имотот. Се бара само начин како би им се признала нивната чест во православниот свет, на прво место. И верувам дека понатаму ќе ги разрешиме сите прашања и ќе бидат надминати“, нагласи епископот европски, г. Пимен.

Европскиот владика беше дел од државно-црковната делегација, којашто ја предводеше шефицата на државата Гордана Сиљановска-Давкова, а која на 24 Мај, на празникот на Св.Кирил и Методиј, се поклони на гробот на св. Кирил во базиликата „Св. Климент“ во Рим. Претседателката Сиљановска-Давкова порача дека Свети Кирил е значаен бидејќи нè обединува со словенските народи.

„Кирил бил со векови пред времето, Кирил го вградил не само својот живот, туку и нашиот живот на некој начин во Европа пред многу, многу векови и тоа мора да го почитуваме“, изјави македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова по молебенот во чест на Свети Кирил, во базиликата „Свети Климент“ во Рим, каде што се наоѓа и гробот на сесловенскиот просветител. Македонската делегација положи цвеќе и пред плочата со македонски написи во базиликата „Голема Богородица“.

Шефицата на државата оствари и средба со претседателот на Италија, Серџио Матарела, но не и со нејзиниот бугарски колега Румен Радев, од причини што бугарската страна побарала средбата да се одржи во бугарската Амбасада, но за нашата делегација тоа не било прифатливо, пренесува МИА.

Претседателката рече дека со Радев не се сретнале поради неможноста да се усогласат агендите на двајцата шефови на држави. Подготвеност за средба постоела и од двете страни, посочи таа, но ја оставиле за некоја наредна пригода.

– Изразивме подготвеност, но до средба нема да дојде. И двете делегации имаме агенда меѓутоа рековме дека час поскоро, во првиот можен момент, ќе ја реализираме, изјави Сиљановска-Давкова.