Во договор за парламентарно мнозинство: ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ седнаа на заедничка маса

132

Дали Движењето ЗНАМ станува дел од Владата и кои ресори би ги добиле е сè уште неизвесно. Преговорите почнаа но сè уште нема конечен договор, изјави вчера портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, одговарајќи на новинарско прашање.

-Тоа што можам да го споделам е дека разговорите се одвиваат во позитивен дух, истакна Стоилковски.

Доцна во саботата, од Движење ЗНАМ за Наша Македонија, информираа дека била одржана средба за соработка со ВМРО-ДПМНЕ на ниво на потпретседатели на партии, на која се разговарало за стратешките определби, политичките начела и политичката платформа за соработка.

– Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, својата платформа ја темели на идеолошките столбови на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, а тоа се Македонија современа, демократска, европска држава, втемелена на илинденските и асномските вредности, интеграција на земјата во Европската Унија на достоинствен начин; потоа Република Македонија држава, во која има правда за сите и нулта толеранција за корупција; Македонија како самоодржлива држава, која ќе произведува доволно храна и енергија за своите потреби, забрзани и ефикасни реформи во економијата и социјалните политики во насока на подобрување на животниот стандард на граѓаните, како и стабилни меѓуетнички односи, се вели во соопштението од ЗНАМ.

Од страна на Движењето ЗНАМ на средбата присуствувале генералниот секретар, Горан Минчев и потпретседателите Весна Бендевска и генерал Павле Арсоски, додека од страна на ВМРО-ДПМНЕ, потпретседателите на партијата Владо Мисајловски и Тимчо Муцунски.

Новата влада, како што претходно најавија од ВМРО-ДПМНЕ, се очекува да биде формирана до 20 јуни.

ВМРО-ДПМНЕ, претходно излезе со став дека имаат консолидирано 61 пратеник а доколку се постигне договор во овој формат парламентарното мнозинство ќе брои над 70 пратеници што е двотретинско мнозинство во Парламентот со што ќе може да се оствари предизборното ветување за промена на  Законот за организација на ресорите во самата Влада, а потоа ќе стартува како што рече Мицкоски, историски реформскиот процес којшто е досега е невиден во Македонија.

-Во првите 100 дена очекуваме исклучително добри вести за сите граѓани, во смисла на подобрување на стандардот, една финансиска бомба, би рекол. Ние нема да се занимаваме, со политички бомби, со ниски страсти, со напади, ние планираме да работиме за подобрување на стандардот на граѓаните, тоа е нашата цел и планираме да го заслужиме нашето место во историјата, додаде Мицкоски.