Прилепскиот театар има богата историја и програма, но нема услови за работа

410

За 70 години постоење, театарот „Војдан Чернодрински“, кој сега е дел од НУЦК „Марко Цепенков“, прикажал околу 350 премиери и одржал околу 7.000 претстави што ги гледале над 1,5 милиони луѓе

Со премиерата „Лажговци“, во режија на Коле Ангеловски, пет претстави од тековниот репертоар и проектот „Глумците пеат“, прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“ од 17 до 23 февруари, ќе ја одбележи 70-годишнината од формирањето. Овој театар кој низ изминативе седум децении се развивал и растел, афирмирајќи го светското, но и домашното драмско творештво, сè уште опстојува во несоодветни услови за работа, во трошни и целосно руинирани простории и во исчекување на подобри денови.

„Се надеваме дека ќе дочекаме нов театар, и мислиме дека е време да се тргне во еден нов правец и потребите на сцената да бидат задоволени, до тогаш остануваме гласни“, велат помладите актери, чиј ентузијазам не го делат и нивните постари колеги кои велат дека „ја изгубиле и вербата и надежта, бидејќи откога се во овој театар, чекаат да се направи нов објект што никако да се случи“.

Вработените бараат и театарот да биде издвоен од Центарот за култура како посебен правен субјект. Инаку, според нив, донесувањето на новиот ДУП ја кочи изградбата на новиот театар. Според, општинските власти, има идејно решение за нов театар во склоп на прилепскиот Дом на култура „Марко Цепенков”, кое е од 2018 година, а до март се очекува да биде сменет и урбанистичкиот план. Министерството за култура, пак, деновиве на својот сајт објави дека од буџетот за 2020 ќе бидат издвоени 3 милиони денари за обезбедување проектна документација за реконструкција на театарот при ЦК „Марко Цепенков“ од Прилеп.

За историјата и значењето на Прилепскиот театар зборуваат факти. На неговата сцена за првпат се поставени текстови од роднокрајните автори: Коле Чашуле, Томе Арсовски, Блаже Алексоски, Благоја Ристески-Платнар, Трајче Крстески, Василе Димески, Петар Петрески. Завесата за првпат се кренала со изведбата на претставата „Кир Јања“ од Ј.С.Поповиќ, во режија на Аце Михајлоски, а низ годините се ределе премиерите и успесите. Колективот на овој театар кој постигнува успеси во Македонија, регионот и пошироко денес брои 18 актери.

За 70 години постоење, театарот „Војдан Чернодрински“, кој сега е дел од НУЦК „Марко Цепенков“, прикажал околу 350 премиери и одржал околу 7.000 претстави што ги гледале над 1,5 милиони луѓе.

Црна комедија и пет атрактивни претстави за прославата  

Прославата ќе започне на 17 февруари со премиерата на црната комедија „Лажговци“, во режија на Коле Ангеловски, а датумот 18 февруари (1950), кога театарот е формиран, ќе биде одбележан со манифестацијата „Глумците пеат“ (19:30 ч). Во рамките на програмата ќе бидат изведени и претставите „Семејни приказни“- 19 февруари (19:30 ч), „Ништо без Трифолио “- 20 феврури, „Пиреј“ -21 февруари, „Глембаеви“ – 22 февруари и „Приказна за ветерот и месечината“ – 23 февруари (12 ч).