Договорен ли е првиот министерски ешалон на „Илинденска?“: Сложни браќа Влада прават

3239

За утре, 28 мај во 11 часот, е закажана конститутивната седница на новиот парламентарен состав, на која една од трите точки на дневен ред е и избор на претседател на Собранието. Неофицијално се споменува дека собраниски спикер во законодавниот дом ќе биде Африм Гаши од Алтернатива. Иако сè уште не е потврдено, во јавноста веќе се лицитираат имиња на новите функционери. Сè уште на база на шпекулации се и информациите дека Вреди ќе добие шест министри, седум заменици министри и околу 400 агенции и управи. Новата Влада, како што претходно најавија од ВМРО-ДПМНЕ се очекува да биде формирана до 20 јуни.

Финишираат преговорите меѓу коалициските партнери за идната Влада. Од  ВМРО-ДПМНЕ информираат дека преговорите со Вреди се во напредна фаза, но сè уште нема конечен договор и сè до официјалниот момент нема да соопштуваат никакви детали. Оттаму нагласуваат дека се разговара и за ресори. Во меѓувреме, во саботата доцна вечерта, од Движењето ЗНАМ за Наша Македонија информираа дека била одржана средба за соработка со претставници од ВМРО-ДПМНЕ на ниво на потпретседатели на партии.

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, вчера изјави дека се внимава и на персоналните решенија што се нудат во коалициските преговори, при што, како што рече, истите не треба да бидат ниту компромитирани на кој било начин, туку да се посветени на работата и кон реформите што ќе следуваат. Тој, исто така, напомена дека преговарачкиот процес се базира на принципи – на евроинтегративниот процес, борбата против криминалот и корупцијата, како и потребата од одредени реформи за забрзан економски развој.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, викендов порача дека новата Влада ќе промовира и застапува единство и обединување на креативниот и прогресивен потенцијал. Неговата цел нагласи дека е надминување на сите поделби, победа на омразата и апсолутна и неселективна одговорност.

Иако сè уште не е потврдено, во јавноста веќе се лицитираат имиња на новите функционери. Сè уште на база на шпекулации се и информациите дека Вреди ќе добие шест министри, седум заменици-министри и околу 400 агенции и управи.

Африм Гаши веројатно ќе биде новиот собраниски спикер, но тој сè уште не ја потврди информацијата. Од Алтернатива брифираат дека не се работи за тактизирање, туку едноставно се разгледуваат сите опции во партијата бидејќи доколку Гаши ја прифати функцијата претседател на Собранието, како прв меѓу еднаквите во законодавниот дом, ќе мора да поднесе оставка од лидерската позиција. Она што е извесно и кое што неколкупати досега беше потврдено дека на преговорите меѓу Вреди и ВМРО-ДПМНЕ било договорено претседателското место во законодавниот дом да им припадне токму ним.

Неофицијално се лицитира дека Изет Меџити ќе биде прв вицепремиер, а дека на неговото Демократско движење ќе им се доверат Министерството за екологија и двајца заменици и тоа во МНР и во транспорт и врски.

Движењето Беса можно е да го добие Министерството за труд и социјална политика. Партијата на Билал Касами, кој веќе посочи дека останува градоначалник на Тетово веројатно ќе го добие и заменик-министерско место за култура.

Две министерски места, како што веќе посочи Арбен Таравари, очекува и Алијанса, меѓу кои Министерство за здравство и министерство без ресор, потоа и заменик-министер за одбрана и земјоделство. Неизвесно е дали Таравари ќе ја напушти градоначалничката функција за да се врати како министер за здравство.

Новите позиции доаѓаат по прегласувањето на седумте избирачки места во средата кога Вреди добија уште еден пратеник плус и нивната бројка сега е 14 пратеници, а прегласувањето ги изедначи по број на пратеници коалициите предводени од ДУИ и СДСМ.

Без да калкулира со бројки и распределбата на ресорите лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицковски, порача дека е време за обединување и секој ќе добие шанса. Но, потенцираше дека ако не ја искористи и не испорача резултати, ќе треба да се носи со последиците и одговорностите.

ВМРО-ДПМНЕ претходно излезе со став дека имаат консолидирано 61 пратеник. Новата Влада, како што претходно најавија од ВМРО-ДПМНЕ се очекува да биде формирана до 20 јуни.

За утре, 28 мај, во 11 часот, е закажана конститутивната седница на новиот парламентарен состав. Во новиот парламентарен состав најмногу пратеници има коалицијата „Твоја Македонија“, предводена од ВМРО-ДПМНЕ – 58, коалицијата За европска иднина предводена од СДСМ има 18 пратеници, коалицијата Европски фронт предводена од ДУИ има исто 18 пратеници, коалицијата ВЛЕН 14, Левица шест и ЗНАМ шест пратеници.

Ова било договорено на состанокот со претставници на сите парламентарни партии со претседателот Јован Митрески, кој информирал дека дневниот ред на конститутивната седница, според Деловникот, ќе има три точки односно избор на Верификациона комисија, избор на Комисија за прашања на изборите и именувањата, како и избор на претседател на Собранието.

Конститутивната седница, според новиот Деловник, трае најмногу три дена, а Собранието е конституирано со изборот на претседателот на Собранието. На состанокот присуствувале Никола Мицески од Коалицијата „Твоја Македонија“ – ВМРО-ДПМНЕ; Оливер Спасовски од Коалицијата за европска иднина – СДСМ; Арбер Адеми од Коалицијата „Европски фронт“; Халил Снопче од Коалицијата „Вреди“; Борислав Крмов од партијата Левица и Бобан Карапејовски од Движењето ЗНАМ – За наша Македонија. На состанокот присуствувала и Мерита Колчи Коџаџику, која како највозрасна пратеничка ќе претседава сè до избор на новиот претседател, како и генералната секретарка на Собранието, Цветанка Иванова.