Средношколците во земјава со нетрпение ја очекуваат матурската вечер – настан кој го означува крајот на гимназиското образование и преминот во нов период од животот, кој е посебен за сите ученици.

Меѓутоа, матурската забава, која доаѓа како „шлаг на тортата“, и прославата на постигнатиот успех, во инфлаторно време, често доаѓа како финансиски товар за родителите кои треба да одвојат значителна сума пари за да ги подготват матурантите.

Од година в година матурските прослави се организираат како мини-свадби што станува се поприфатена пракса кај нас, за која дури се подигаат и кредити за да се направат во раскошен стил. Освен што се фрлаат големи суми на пари за гардеробата на матурантите, се ангажираат познати бендови, а некои родители, баби и дедовци поклонуваат скап накит, некои со длабок џеб и автомобили на своите матуранти, за што поцеремонијално да ја земат својата партнерка.

Сума-сумарум, матурата кај нас станува еден вид на натпревар помеѓу родителите на матурантите. А постојано слушаме како се кука дека сме сиромашна земја во која едвај се врзува крај со крај, но кога ќе дојдат матурските прослави, таквите коментари се ставаат на пауза, а сè со цел да се одврзе ќесето, да не се посрамоти детето, да не се дели од останатите, макар во наредните месеци дома да се јаде сол и леб.

Една мајка на матурантка пак, ни рече дека со години издвојувала пари за оваа намена, за да не и дојде зорт кога ќе дојде матурата. Друга, пак, со смеа истакна дека има роднини во Европа кои ѝ позајмиле дел од потребните пари, па ќе им ги враќа кога ќе може, но мора на своето дете да му организира матурска забава, затоа, како што вели „еднаш во животот си матурант“.

Слична, но нешто помала е еуфоријата со полуматурските прослави. Кога станува збор за организација на прославата на крајот на основното образование, тоа е регулирано со закон, училиштето може да го организира во училиштето или во институции од областа на културата и спортот, во договор со локалната самоуправа.

Додека бројни семејства се подготвени да дадат мало богатство за што пораскошна церемонија на полнолетството, да не ги заборавиме и се почестите огласи, во кои хумани граѓани подаруваат матурски фустани и костуми, на матуранти од социјално загрозени семејства. Оти и тие не се малобројни во земјава, а матурската забава, без разлика дали е скромна или, пак, помпезна, воопшто не ја одредува успешноста на матурантот во иднина.

Така, градот Лозница во Србија обезбеди бесплатна матурска прослава. Како што објавија медиумите, повеќе од 800 средношколци во Лозница, но и нивните родители ги воодушеви веста дека матурската прослава ќе биде бесплатна. Трошоците за организирање матура за сите четири средни училишта во тој град ќе бидат на товар на локалната самоуправа.

(С.Бл.)