Како што истакна Ице Рикалоски, директор на оператива во „Окта“ АД Скопје, новиот тренинг-центар за противпожарна заштита од нафтени деривати е прв од ваков вид во земјава. Новиот тренинг-центар ќе овозможи изведување вежби и сценарија на противпожарната единица „Окта“ во строго контролирани и безбедни услови за вработените и за инфраструктурата на компанијата. Тренинг-центарот е со вкупна површина од 1 000 квадратни метри и е изолиран од резервоарскиот парк и маршрутите на движење на цистерните со деривати. Ова, како што наведе Рикаловски, овозможува сигурно и безбедно користење, тренирање и работа со отворен пламен, без никакви ризици за другиот дел од инсталацијата
Успешно беа изгаснати четирите пожари во кругот на рафинеријата „Окта“ благодарение на брзата интервенција на нивната противпожарна единица. Со показни вежби, кои ги следеа претставници на Центарот за управување со кризи и на неколку противпожарни бригади од земјава, тие покажаа колку стручно се подготвени да изгаснат пожар предизвикан од нафтени деривати.
Воедно, на тој начин, најголемиот снабдувач на горива во државата, „Окта“, денеска го промовираше и официјално го предаде во употреба новиот тренинг-центар за гасење пожари од нафтени деривати во кругот на компанијата.
Како што истакна Ице Рикалоски, директор на оператива во „Окта“ АД Скопје, новиот тренинг-центар за противпожарна заштита од нафтени деривати е прв од ваков вид во земјава.
Новиот тренинг-центар ќе овозможи изведување вежби и сценарија на противпожарната единица „Окта“ во строго контролирани и безбедни услови за вработените и за инфраструктурата на компанијата.
– Тренинг-центарот има исклучително значење за нашата компанија и ќе придонесе за натамошно одржување на високиот степен на подготвеност на нашиот противпожарен тим, но и на сите вработени во компанијата, за ефикасно справување со ризични ситуации поврзани со појавата на пожари. Истовремено, подготвени сме да ги ставиме нашето знаење и сите капацитети на овој центар во служба на институциите, другите компании и заедницата, со што уште еднаш ја потврдуваме нашата општествена одговорност на која сме особено посветени и горди – изјави Рикалоски.
Тренинг-центарот е со вкупна површина од 1 000 квадратни метри и е изолиран од резервоарскиот парк и од маршрутите на движење на цистерните со деривати.
Ова, како што наведе Рикалоски, овозможува сигурно и безбедно користење, тренирање и работа со отворен пламен, без никакви ризици за другиот дел од инсталацијата.
– Непосредната близина на противпожарната служба на компанијата овозможува беспрекорна поддршка на корисниците на тренинг-центарот. Инфраструктурата на овој центар, која вклучува подземна хидрантска линија со поставени дополнителни четири надземни хидранти за обезбедување доволни количества вода во случај на итност, довод на дериват за изведување на вежбите, согласно со претходно утврдени симулации, изведен според најстрогите API-стандарди и елементи за симулација и стручна практична обука, овозможува безбедни и строго контролирани услови за тренинг и усовршување – информираше Рикалоски.
На почетокот, центарот ќе функционира како полигон за обука и вежбање на техниките за гаснење пожари предизвикани од нафтени деривати и ќе се користи за обука на вработените во „Окта“, како и за заеднички вежби со противпожарните единици со кои компанијата има склучено меморандуми за соработка.
Во следната фаза, планирано е тренинг-центарот да се прошири и со реквизити за обука и тренинг за справување и со други видови пожари, како што се пожарите во затворени простории, пожарите од А-категорија, но и во истражување на техниките за спасување во случај на пожар во затворен простор.
Истовремено, овој прв тренинг-центар ќе им биде ставен на располагање на државните институции, локалните самоуправи и на другите компании за вежби и обуки на своите противпожарни единици.
Противпожарната единица на „Окта“ е основана со самиот почеток на работа на компанијата и располага со две целосно опремени противпожарни возила, како и со друга дополнителна опрема за гасење пожари. Во процес на набавка е теренско возило 4×4, кое е комплетно опремено со резервоари за вода и пенило, пумпа со висок притисок и сет од млазници за користење при интервенција на различни видови пожари.
Оваа противпожарна единица брои 23 високо обучени професионалци, особено во делот на заштитата од пожари и експлозии во нафтени индустрии, како и за гасење пожари во урбани средини. Досега, единицата има забележено голем број успешни интервенции и надвор од кругот на „Окта“, особено во заедницата во која што работи и дејствува.
(А.П.)