Ескобар: Добивме уверување од ВМРО-ДПМНЕ дека ќе остане посветено на европскиот пат

Американксиот заменик-помошник секретар во заминување и специјален претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, порача дека САД очекуваат земјава и со новата Влада да продолжи по европскиот пат. Според Ескобар, „постои сè поголем реализам дека нема друга алтернатива“ и тој се надева дека „тој пат да продолжи да биде главна политичка цел на новата влада“.  -Добивме уверување од сите нивоа на партиското раководство на главната партија (ВМРО-ДПМНЕ) која победи на изборите, дека ќе останат посветени на европскиот пат, вели Ескобар

79

Пораки за почитување на Договорот од Преспа од меѓународната заедница, но и закани по европската иднина на Македонија од страна на Грција постојано пристигнуваат на македонска адреса, по инаугуративната заклетва на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, која како што најави во предизборната кампања, не употреби „Северна“, туку само Македонија. Американксиот заменик-помошник секретар во заминување и специјален претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, во онлајн интервју за Европскиот центар на Атлантскиот совет, порача дека САД очекуваат земјава и со новата Влада да продолжи по европскиот пат. Според Ескобар, „постои сè поголем реализам дека нема друга алтернатива“ и тој се надева дека „тој пат да продолжи да биде главна политичка цел на новата влада“.

-Мислам дека Европа и САД многу јасно ја кажаа нашата позиција на претседателот по инаугурацијата дека целосно очекуваме оти Северна Македонија ќе продолжи по својот европски пат, ќе се посвети, ќе продолжи да биде посветена членка на НАТО, и верувајте ми, тие се посветена членка на НАТО. И добивме уверување од сите нивоа на партиското раководство на главната партија (ВМРО-ДПМНЕ) која победи на изборите, дека ќе останат посветени на европскиот пат, вели Ескобар, запрашан дали по победата на ВМРО-ДПМНЕ се уште верува оти патот кон Европа ќе продолжи, како што изјави на денот на изборите, пренесува Гласот на Америка на македонски јазик.

И претходно од американскиот Стејт департмент порачаа дека „САД остануваат цврсто посветени на Договорот од Преспа и на евроатлантските интеграции на Северна Македонија“, без да одговорат дали САД ќе ја повикаат Грција да ги изгласа меморандумите, како што ја повикаа земјава да го почитува договорот.

Македонската претседателка Сиљановска-Давкова, како и идниот мандатар за состав на новата Влада во земјава, Христијан Мицкоски се на ставот дека користењето на зборот Македонија не се коси ниту со Преспанскиот договор, ниту со Уставот, затоа што тоа е основно право на самоидентификација и не отстапуваат од ставот во јавните настапи да ги користат термините Македонија и македонски.

Официјална Атина на дневна основа реагира и се заканува дека напредокот на државата кон ЕУ ќе зависи од целосното спроведување на Договорот од Преспа и особено со употребата на уставното име на земјата. Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис се закани дека Грција нема да ги ратификува меморандумите кои произлегуваат од Преспанскиот договор, ако тој не се почитува од новата влада.

-Мислам дека нашите пријатели во Северна Македонија треба да сфатат дека заврши предизборниот период, дојдено е време веќе да станат сериозни, да го почитуваат меѓународниот договор, доколку ги интересира да останат на европскиот пат, порача грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис говорејќи за телевизијата „Опен“, пренесе МИА.

Мицотакис е дециден дека иако не се согласува со многу аспекти од Преспанскиот договор, грчката Влада во никој случај нема да отстапи во однос на прашањето за името. Тој рече и дека оваа поликика земјава ќе ја одведе во меѓународна излоцаија.

-Името на земјата е „С.Македонија“ и сè додека некои продолжуваат да ја именуваат „Република Македонија“ да знаете дека ќе бидеме наспроти нив. Грција во овој момент не е изолирана, Скопје е изолирано. И мислам дека на крај ќе сфатат дека оваа политика е безизлезна и верувам дека ќе се прилагодат на притисоците што ќе им бидат извршени и мислам дека е добро тоа, бидејќи ние сакаме добри односи со нашиот северен сосед, вчера бев во Лерин, соседна земја е, ние инвестираме во Македонија, истакна Мицотакис за „Опен“, пренесе МИА.

За меморандумите што сè уште не се ратификувани уште еднаш го повтори ставот дека „на Грција ѝ се потребни додатни преговарачки оружја“, а токму трите протоколи, според Мицотакис, ја засилуваат грчката позиција и се дипломатско оружје. За ставот на СИРИЗА дека со ратификацијата, позицијата на Грција би станала посилна, Мицотакис рече дека токму спротивното би се случило, бидејќи со тоа Скопје би добило аргумент „да продолжи да го прави истото“.

Претходно и Европската комисија ги повика Скопје и Атина да се држат до Договорот од Преспа, а остра реторика имаше и потпретседателот на Европската комисија, Маргаритис Схинас, кој рече дека земјава има уште време да го напушти ќорсокакот и предупреди дека ЕУ нема да толерира национализам и популизам. Схинас е дециден дека Договорот од Преспа мора да се почитува и Македонија како кандидат за членство во ЕУ не треба да ги бранува соседите.