Во пожарот беше зафатена и новата метална конструкција, челичната купола и останатите делови, а дали има некакви оштетувања ќе проценат од ИЗИИС и од Градежен факултет откако ќе се изработи нов елаборат, кој треба да препорача и начин на отстранување на она што остана од поранешната конструкција. Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, уверена дека новиот објект на Универзална сала ќе биде готов до 2026 година

 

Новиот објект на Универзална сала ќе биде готов до 2026 година, истакна на денешниот брифинг со новинарите, министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, на кој присуствуваа претставници на фирмата изведувач и на фирмата која врши надзор на изведбата на работите. Беше речено дека во пожарот што се случи во вторникот изгореле само стари материјали кои што требало да бидат дислоцирани, а сè што било вредно и за во музеј за да се искористи, било извадено од салата уште во 2021 година.

Во пожарот беше зафатена и новата метална конструкција, челичната купола и останатите делови, а дали има некакви оштетувања ќе проценат од ИЗИИС и Градежен факултет откако ќе се изработи нов елаборат кој треба да препорача и начин на отстранување на она што остана од поранешната конструкција.

– Ќе има вештачење кое ќе покаже дали е нарушена егзистенцијата на материјалот. Ако не е, ќе се продолжи со работа, во спротивно нарушеното ќе се демонтира и ќе се прави нова конструкција – изјави претставникот на надзорот, Љубин Макарвоски од фирмата „ЕОЗ“.

Тој нагласи дека за позицијата која се запали има распишано јавна набавка, односно е во втората фаза и дека тоа за колку време ќе се продолжи со реконструкцијата не зависи од нив, туку од институциите кои ја водат истрагата.

– Изведувачот што реконструира и гради има лиценца, која подразбира и осигурување, па додека тој работи таму за секој инцидент што би се случил на објектот и се предизвика некаква штета, трошоците ги сноси тој – рече Макаровски.

Лазар Арсоски, претставник од изведувачот „Универзал Балкан“, потенцираше дека во салата, за време на пожарот немало работници затоа што нивните работници и работниците од  „Актива Штип“ престанале да работат десетина дена претходно по завршувањето на првата фаза. Се чекал почетокот на втората фаза, за која е распишан тендер, но не е избран изведувач. Истиот изведувач учествува на тендерот.

Според него, работите на Универзалната сала може да почнат многу брзо, откако ќе заврши увидот и истрагата од надлежните органи. Тој смета дека 99 отсто од конструкцијата е безбедна и дека ќе може наскоро да продолжи реконструкцијата на објектот.

– Доколку металната конструкција е оштетена ќе биде заменета, а доколку само делови се оштетени, ќе бидат променети само тие делови. Запалениот дел требало секако да се реконструира, а за тоа досега не се потрошени пари бидејќи истото требало да се случи во втора фаза – додаде тој.

Министерството за култура ги чека наодите од Јавното обвинителство, од Министерството за внатрешни работи, од Државниот инспекторат за труд. Оттаму упатија апел да не се шират шпекулации до официјалните информации за причините и за штетите од пожарот.

 

Универзална сала имаше исти акустични панели на таванот како лондонскиот „Ројал Алберт Хол“

Нашата Универзална сала имаше исти акустични панели на таванот, како Ројал Алберт Хол, една од најпрестижните концертни сали во светот.

– Речиси сите големи уметници забораваа на сите недостатоци во гардеробите и тоалетите, откако ќе се појавеа на сцената  и ќе ја почувствуваа перфектната  акустика и близината со публиката. После тонска проба едвај чекаа да започне концертот и да ја почувствуваат магијата на толку фалената и омилена сала во која нивните концерти стануваа незаборавни – вели Ранко Петровиќ.

Од нашиве простори има неколку уметници што настапиле во „Ројал Алберт Хол“ и на „Златна бубамара“. Тоа се доктор Неле Карајлиќ и маестро Симон Трпчевски.

– Предлагам доколку акустичните кругови се зачувани, што побрзо да се постават во спортската сала „Борис Трајковски“ и да ја вршат својата работа до отворање на старо-новата Универзална сала – вели Петровиќ.

(А.П.)