Народната банка досега презеде повеќе активности за зголемување на свесноста за последиците од климатските промени, а со мерките за континуирано јакнење на отпорноста на банкарскиот систем, се придонесува и кон зголемување на неговата способност да го поддржи преминот кон зелена економија.

Ова го истакна советничката на гувернерката на Народната банка, Милица Арнаудова – Стојановска, говорејќи за климатските промени и зелените финансии на Марили бизнис форумот, кадешто напомена дека со промените во начинот на утврдување на задолжителната резерва на банките, Народната банка придонесува за поттикнување на „зеленото“ кредитирање.

Арнаудова – Стојановска нагласи дека состојбата на „зелени“ кредити одобрени на приватниот сектор во 2023 година е зголемена за 2,8 пати во однос на 2019 година.

– Растот на овие кредити е речиси во целост движен од корпоративниот сектор, додека учеството на „зелени“ кредити во вкупните кредити на банките на крајот на 2023 година изнесува 4,5% и има тренд на пораст. Податоците на Глобалната студија за управување со резерви од 2021 година покажуваат дека расте процентот на централни банки (35% во 2020 година наспроти 64% во 2021 година), кои се согласуваат дека „зелените“ обврзници треба да бидат дел од портфолиото на девизните резерви – посочи Арнаудова – Стојановска.

Во таа насока таа рече дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка.

– Порастот на климатските ризици поттикнати од технолошките промени, владините политики за климатска неутралност до 2050 година, како и промените во преференциите и кај инвеститорите и кај потрошувачите, наметнаа потреба за проактивно делување на сите чинители во еко-системот. Па така, за корпоративниот сектор особено се важни промените во регулативите поврзани со транзицијата кон јаглерод-неутрална и циркуларна економија – потенцира Арнаудова–Стојановска.