Сè повеќе родители од Македонија, во текот на летниот распуст, ги праќаат своите деца на летен камп во Грција, а нашите кампови зјаат празни. Праќањето децата во летни кампови во странство стана тренд последниве години, бидејќи она што го добиваат таму не може да се спореди со тоа што го нудат нашите детски одморалишта. Нашите кампови се полуруинирани, со лоши услови, никаква храна и не нудат дополнителни активности.

Пред повеќе години, во земјава успешно функционираа над 20 детски одморалишта во кои основците минуваа по една недела или 10 дена во текот на летниот и на зимскиот одмор. Таму децата шетаа, спортуваа, се дружеа и се забавуваа. Но, последниве години, само неколку од овие одморалишта сè уште работат, додека другите се затворени и оставени да пропаѓаат.

Мексуд Ахмед, управител на детското одморалиште „Партизан“ во Охрид, вели за весникот ВЕЧЕР дека нема интерес од училиштата за летување во кампот, кој подолг период во текот на летото е празен.

– Нема интерес од училиштата да организираат летни кампови во домашните туристички центри. Наместо во кампови, родителите ги праќаат децата во приватни сместувачки капацитети и хотели и бараат полуксузно сместување, услуга и храна. Нема интерес да заживеат нашите кампови, кои се празни поголем дел од летната сезона. Точно дека треба да се средат тоалетите, но последниве години се прават многу работи во таа насока. Дел од бунгаловите веќе имаат санитарен јазол – вели Максуд.

Тој додава дека кампот е полн само една недела при крајот на јуни, кога доаѓаат група деца спортисти – гимнастичари, бидејќи кампот е под капата на Федерацијата на гимнастички спортови во Македонија (ФГСМ).

– Само во овој период има повеќе деца во кампот и кујната е отворена. Појадок, ручек, вечера и маренда чинат 500 денари, но дел од трошокот покрива Федерацијата. Останатиот дел од летото кампот е празен, односно нема деца, па го нудиме на семејства и на физички лица. Цените се движат од 700 денари на ден за бунгалов, 1.000 денари за камп, 1.700 денари за контејнер со 4 кревети – појаснува Максуд.

Апелира до училиштата да организираат летни кампови за учениците во нашите одморалишта и да ги заживеат да останат да зјаат празни.

Од Асоцијацијата на хотелиери на Македонија (ХОТАМ) велат дека за да заживеат домашните кампови треба да ги подобрат условите и да се дадат под концесија.

– Имаме кампови што се празни и може ваучерите што ги дава државата за годишен одмор на работниците со ниски примања, да се даваат за летување во овие кампови за да заживеат. Исто така, нашите ученици наместо да одат во Грција на летни кампови, да одат во домашни одморалишта, кои стојат празни и неискористени во текот на летото – изјави за весникот ВЕЧЕР Крсте Блажевски, претседател на ХОТАМ.

Но, родителите не мислат така. Дел од нив сметаат дека нашите кампови не може да им го понудат на децата она што го нудат летните кампови во странство. Таму децата имаат разни активности учат да пливаат, јаваат, да играат тенис, ватерполо, да дизајнираат накит, да вежбаат традиционални и модерни танци, а истовремено да се дружат со деца на нивна возраст од други земји. Исто така, овие кампови се реновирани и хигиената е на повисоко ниво отколку во нашите кампови.

(А.С.)