Како што се наближуваат Олимписките игри во Париз така ќе се зголемува бројот на вести поврзани со нив. Па така, овој пат компанијата „Nielsen Graysnout Sports“ даде прогноза кои земји ќе бидат најбројни медалисти на претстојната Олимпијада.

Како што е соопштено од компанијата, која обезбедува статистичка анализа на спортските лиги ширум светот и ги следи големите натпреварувања, пред се олимписките спортови, се очекува олимпискиот тим на САД да освои вкупно 123 медали, од кои 39 златни.

Прогнозата е дека Кина ќе биде втора со 89 медали, од кои 35 златни. Тие две репрезентации ги освоија првите две места и пред три години, на Олимписките игри во Токио.

Рангирањето на „Nielsen Graysnout Sports“ се базира на бројот на вкупно освоени медали, иако другите се рангирани според освоените златни медали.

Доколку се оствари оваа прогноза, тоа би било осми пат во низа САД да бидат најуспешната нација на Летните олимписки игри. Последен пат не се случи тоа во 2008 година, во Пекинг, кога земјата домаќин, Кина, освои најмногу медали.

Според прогнозата, Велика Британија е трета (66-13), потоа следуваат Франција (55-28), Австралија (50-13), Јапонија (49-13), Италија (47-12), Холандија (38-18), Германија (36-9) и Јужна Кореја (24-9).

Непознат фактор е учеството на Русија и на Белорусија, бидејќи нивните спортисти отсуствуваа од повеќето меѓународни натпревари во последниве две години поради војната во Украина. Тешко е да се земе предвид нивното влијание во прогнозата, изјавија од компанијата.

Руските и белоруските спортисти ќе учествуваат на Игрите во Париз во индивидуалните спортови, како неутрални, без државните симболи и без химните.