Малото македонско гратче Кратово сè почесто е на агендата на туристите и од земјава и од странство. Како што за весникот ВЕЧЕР вели Стевче Доневски, хроничар од Кратово, сè повеќе се зголемува интересот за посета на Кратово и околината, не само од домашните викенд-туристи, туку и од гостите од Европа. Токму деновиве, група туристи од Холандија биле пријатно изненадени од богатата историја на Кратово, од едноставноста на мештаните и нивната гостољубивост, но и, како што посочиле, од мирниот ритам на животот.

– Прекрасна природа, храна, гостољубиви граѓани што те нудат со кафе, домашна ракија и со вино, особено вранец, темјаника и станушина, но и со слатко од различно овошје, кое не е карактеристично за другите земји што ги посетиле. Им се допаѓа и вкусот на нашите сирења и кашкавал – вели Доневски, дополнувајќи дека Холанѓаните се воодушевени и од нашите ајвар, слатко од смокви, маџун и к`цана (шарена) сол.

Дел од гостите се обиделе сами да ја к`цаат солта во специјалниот сад, кој е ист како оној што се користел во старо време. Но, како што вели Доневски, забележеле дека хигиената не е на потребното ниво.

– Имате прекрасна природа и историски споменици, но треба да се организирате и да ја одржувате хигиената – посочи Доневски, укажувајќи дека тоа е реакцијата на голем број туристи и додавајќи дека е потребно да се маркираат планинарските патеки. 

Тој дополнува дека при посетата на Кратово, туристите имаат можност да дегустираат различна храна.

– Ги дегустираат нашите природни мед, џем, ајвар, сирења, вина и чаеви. Гостите не може да се наситат од домашниот леб и од баницата – вели Доневски и дополнува дека сè почесто се носат групи туристи и во посета на еко-фармата за јајца.

За странските гости се обезбедува и панорамско разгледување на Кратово, Шлегово, етно-куќата „Шанчева“, црквите и манастирите.

– Кратово, преку регионалното туристичко биро, им стои на располагање на сите гости. Секој е добредојден во нашиот град. Имаме и водичи, кои ќе им помогнат на туристите да го зголемат своето знаење за ова наше мало гратче, кое било познат рударски центар на Балканот, во средниот век – нагласува  Доневски.

Тој информира дека иако има најмногу гости од Холандија, сепак, има интерес и од туристи од  Полска и од Чешка, кои не кријат дека се воодушевени од градот, архитектурата, историјата и од археолошките наоѓалишта.

– Кратово е и град на околу 17 моста, а најпознат е Радин мост. Легендата вели дека во неговите темели жива е заѕидана нивната сограѓанка Рада. Во 17 век, Кратово било во подем и било еден од најголемите рударски региони на Балканот, со околу 50.000 жители. Денес има едвај 7.000 жители, оти младите образовани кадри се селат во Скопје или во земјите од Балканот – укажува Доневски.

Според него, за домашните гости, викендите се единствена можност да се запознаат татковината и нашето богато културно и историско минато. Според Доневски, триесетина куќи во Кратово се стари и по 120 години. Поголемиот дел од нив се со интересна и автентична архитектура.

– Во овој наш град има услови за развој на алтернативниот, селскиот, верскиот и на археолошкиот туризам – нагласува Доневски, потсетувајќи дека  малкумина знаат дека во Кратово има два бора што се стари околу 680 години, дека датираат од 14 век.

Според него, најстарата фотографија на која се гледаат боровите датира од 1927 година. За убавите кратовски мостови, стари со векови, се исплетени повеќе легенди.

– Но, тука се и турскиот затвор, подземните тунели, Саат-кулата, како и Златковата кула – вели Доневски дополнувајќи дека е долга листата и дека на неа може да се најдат и Домот на културата „Лазар Софијанов” и Музејот на Град Кратово, кој е вистинска етноризница.

Верниците ќе најдат вистински мир и спокој во древната црква „Свети Јован Орсечен“, која датира од 15 век и која била опожарена во 1689 година, во текот на Карпошовото востание, по што повторно била обновена од прочуениот мајстор Андреј Дамјанов.

Црквата е позната меѓу верниците по фреските на Исус Христос, Богородица и на Свети Јован Опсечен, кои имаат сребрена рака. Според верувањето, сребрената рака изработена од среброто од кратовските рудници има исцелувачка моќ.  

(В.Ма.)