Радмила Јованова од Штип е една од неколкуте жени што трчаат ултрамаратон во земјава, а единствена од Штип која трча ултрамаратон во земјава и во странство.

Пред повеќе од една година, ја истрча својата прва трка над 100 километри, искачувајќи се на планини и непристапни терени и надминувајќи го стравот од она што може да го снајде човек во дивина, без да се има помош од некого. Оттогаш, вели таа, нема бариери за неа.

Таа вели за МИА дека треба да се верува во своите соништа и да се бори за нив. По професија е банкар, а полупрофесионално се занимава и со ултрамаратон. Трчањето е дел од нејзиниот живот, од мали нозе. Почнала со атлетика – кралицата на спортовите, тренирајќи на патеката на Градскиот стадион во Штип.

– Првпат почнав да тренирам во седмо одделение, во атлетскиот клуб „Брегалница“ и тоа беа моите први почетоци. Меѓутоа тогаш трчав на поразлични патеки од ова што го трчам сега. Тогаш трчав на 100 и на 200 метри и имаше уште неколку деца во клубот, со кои заедно тренирав. Околу дваесет члена имаше клубот. Во тој момент, навистина беше убаво, сите тие дружби, тренинзи. Меѓутоа, за жал, поради финансиски средства, не знам од кои причини во тоа време, клубот не функционираше како што треба – вели Јованова.

Ултрамаратоните, освен трчање, вклучуваат и висинско искачување на планина. Јованова вели за МИА дека нејзиниот прв контакт со планината бил малку подоцна. Нејзините најголеми успеси на ултрамаратоните се од октомври минатата година, на трката во Парамести, Грција, каде што истрча 162 километри, со висинско искачување од речиси 7.000 метри, освојувајќи го второто место во женска конкуренција.

Јованова посочува дека овој резултат, за неа, претставува најголем успех од аспект на пласманот, но и од ментален аспект, бидејќи трчала вкупно 30 часа и 38 минути. Друг дополнителен успех е што минатата година трчаше над 100 километри, во Хрватска. Третата трка беше на наш домашен терен, „Бејкард ултра“, организирана од Здружението „Трекс“.

Во Штип, на долги патеки, односно ултрамаратон трчаат петмина, од кои четворица се во машка, а само Јованова е во женска конкуренција. Ретки се жените, девојките што трчаат ултрамаратон, за што потврдува и Јованова, дека на државно ниво може да наброи само неколку жени што може да го издржат физичкиот, а и менталниот напор на патеките од над 100 километри.

– Секоја година се појавуваат по една или две, кои се осмелуваат на такви чекори. Планинското трчање, особено ултрамаратонот, е спорт со кој се занимаваат луѓе на возраст над 30 години, бидејќи, како што споменав и претходно, не е само физичката подготвеност туку е потребна и силна ментална подготвеност. Од таа причина, важно е да си личност што е зрела, за да го издржиш тој ментален товар. Меѓутоа, како и да е, бројот на жени што трчаат сè уште е мал во Македонија – вели Јованова за МИА.

Додава дека и во текот на самата трка, ултрамаратонците се соочуваат со многу непријатни ситуации, како од аспект на болка, неможност да ја завршат трката поради икс-фактори така и од аспект дека, можеби, ќе останат сами во планина и ќе се соочат со диви животни, тежок терен…

Околу два месеца правеше пауза, бидејќи имаше повреда на едната нога, но забележува дека е тешко да се постигне форма на некое ниво, во овој спорт, но е многу лесно да се загуби, и тоа само со мала повреда. За втората половина од годината, има во план неколку трки, едната е во Словенија, во должина од 120 километри.