БИТИЌИ: Најавеното задолжување ќе го зголеми јавниот долг на 66% од БДП

74

– Стратегијата на ВМРО-ДПМНЕ вели дека јавниот долг ќе се зголеми над 60% од БДП. Контрадикторно е дека ова никаде не е споменато во нивната програма Платформа 1198, но со најавеното задолжување од една милијарда евра, јавниот долг ќе биде 66% од вредноста на БДП – рече пратеникот од СДСМ, Фатмир Битиќи вo телевизиско гостување.

Коментирајќи ја најавата на Христијан Мицкоски за задолжување на државата од една милијарда евра, Битиќи посочи дека во јавноста имаме промена на реториката, она што до вчера беше важно, веќе денес се релативизира.

– Одеднаш се зборува дека не е важно колкав е процентот на јавниот долг, а до вчера беше. Не е битен начинот на задолжување, а до вчера беше. Не е битно кој ти дал овластување за да преговараш за долг од една милијарда евра, а до вчера беше. Сега се тоа не е важно, важно е само да се дојде до една милијарда евра – рече Битиќи.

Тој нагласи дека станува збор за вонинституционално преговарање во четир очи за кое Мицкоски никој го нема овластено да го прави тоа.

– Треба прво да се формира влада, да се влезеле во институциите, па институционално да се водат преговорите за задолжување, па потоа да се каже исходот од задолжувањето – нагласи Битиќи.

Пратеникот Битиќи истакна дека со задолжувањето на овој начин се испраќа порака дека идната влада сака да се откаже од 840 милиони евра од Европската комисија, наменети за Македонија преку Планот за економски раст на ЕУ.

– Тоа се средства со кои државата се обврзува да направи одредени реформи, кои се со подобри и поповолни услови отколку позајмицата од една милијарда евра –  рече Битиќи.