На 22-то издание на детскиот музички фестивал „Калинка 2024“ ќе се пее за љубовта, училиштето, детските игри, но и за македонската азбука

66

По повод 22-то издание на детскиот музички фестивал „Калинка 2024“ денеска се
одржа прес конференција во просториите на Народниот театар во Гевгелија, на која за
организацијата и активностите околу одвивањето на самиот фестивал говореа
градоначалникот Андон Сарамандов, уметничкиот директор Александар Стојанов и
Александар Аврамов, кореограф на Танцовото студио на фестивалот.

Градоначалникот Сарамандов истакна дека со огромна чест и задоволство ги
поддржува и ќе ги поддржува и натаму сите активности околу овој детски фестивал, кој беше успешно возобновен минатата година бидејќи тоа не само што го бараат
граѓаните на Општина Гевгелија, туку и поради фактот што фестивалот „Калинка“ има
долга традиција.

Од следната недела, рече Сарамандов, Гевгелија ќе биде исполнета со магијата на
детската песна и детските насмевки. Им честитам, заврши тој, на организаторите, кои
максимално успешно си ја завршија својата работа, со што допринесоа Гевгелија да
има уште еден музички празник.

Уметничкиот директор на фестивалот, Александар Стојанов се заблагодари на
градоначалникот Сарамнадов што композиторите, текстописците, музичките
работници, како и децата, исполнители на песни од Гевгелија, Македонија и пошироко, ќе можат да настапат и оваа година на еден од најреномираните детски музички фестивали во Македонија фестивалот „Калинка 2024“. Тој очекува, оваа година фестивалот Калинка да биде на едно повисоко ниво од минатата година

На фестивалот ќе бидат изведени 24 нови новокомпонирани детски песни, истакна
Стојанов, компонирани од гевгелиски автори, но и автори кои дале белег на
фестивалот во минатото како што се, Кристијан Габровски, Ристо Самарџиев и други.

Ќе се пее за љубовта, за училиштето, за секојдневниот живот на децата, додека тој
посебно ја истакна за македонската азбука, чиј коавтор е познатиот македонски
гитарист Влатко Стефановски.

Фестивалските песни ќе им бидат претставени најнапред на учениците од Општина
Гевгелија, од 27 до 30 мај, додека званично фестивалот ќе се одржи во три вечери, на
31 мај, 1 и 2 јуни.

Инаку, истакна Стојанов, Македонската радио телевизија ќе го снима фестивалот
„Калинка 2024“ на 1 јуни.

Александра Аврамов, кореографот на Танцовото студио на фестивалот потенцираше
дека со подготвените кореографии ќе бидат оплеменети настапите на сите 24
изведувачи, кои ќе настапат на Калинка 2024.

Да потсетиме дека во изминативе години на Калинка учествувале околу 600 солисти и
над 3000 хористи и балерини. На Калинка гостувале претставници на 23 земји од
Европа и светот : Србија, Хрватска, Словенија, Црна Гора, Бугарија, Албанија, Чешка,
Молдавија, Грузија, Русија, Украина, Романија, Судан, Кореја, Нигерија, Полска,
Виетнам, Сирија, Монголија, Ерменија, Унгарија Малта, а од Македонија нема град кој
не бил застапен со свои претставници на Калинка.

Автори на Калинка, оние кои ги пишуваа песните, музички педагози, текстописци и
аранжери беа Ѓорѓи Цуклевски, Ристо Самарџиев, Томислав Таневски, Дарко Тасев,
Мирослав Пап, Ненад Илијиќ- Србија, Доно Цветков- Бугарија, Ладо Леш- Србија,
Кристијан Габровски, Драган Каранфиловски-Бојс, Огнен Неделковски, Орце

Издушнов, Нада Ристова, Тони Аврамов, Владимир Дојчиновски, Оливера Станковска,
Костадин Динев и други познати и помалку познати и популарни автори на музика,
текст и аранжман од Македонија и Балканот.

Фестивалот „Калинка“ низ годините, ја пишуваше својата музичка историја, влегуваше
во секој дом во секоја градинка и во секое училиште каде што има деца.ја градеше
својата безвременска улога да ги прави радосни и среќни децата. Се надеваме дека и
овогодишниот фестивал „Калинка 2023“ ќе биде успешен дел од оваа историја.

Љубчо Алексовски