Филмот што е снимен според романот „Рускиот конзул“ на Вук Драшковиќ, раскажува приказна што нè враќа во 70-тите години на минатиот век, а кои може да се сметаат за клучни моменти од косовската криза, која ќе го дефинира идниот соживот на Србите и Албанците во Косово. Лаушевиќ ја толкува главната улога – ликот на рускиот конзул, а Мето Јовановски е дел од актерската екипа

 

„Рускиот конзул“ е филмот со чија премиера беше затворен годинашниов 52. меѓународен филмски фестивал ФЕСТ во Белград, Србија, но истовремено и филм што ги поврза двајцата врвни актери – Жарко Лаушевиќ и нашиот Мето Јовановски, кои починаа минатата година, со само еден ден разлика. Иако двајцата не дочекаа да ѝ се поклонат на публиката на сцената на МТС „Дворана“ (Лаушевиќ почина на 15 ноември лани, на 63-годишна возраст, а Мето Јовановски на 16 ноември, на 77 години), сепак, бурните овации и аплаузи на присутната публика беа доказ за умешноста на целиот тим што работеше на реализацијата на ова филмско остварување во режија на Мирослав Лекиќ.

Лаушевиќ ја толкува главната улога – ликот на рускиот конзул, а Мето Јовановски е дел од актерската екипа, заедно со: Небојша Дугалиќ, Паулина Манов, Светозар Цветковиќ, Висар Вишка, Даница Радуловиќ, Менсур Сафќиу, Константин Фиданов, Петар Зекавица, Мето Јовановски, Нада Алексаниќ, Нада Алексавиќ и многу други.

Филмот, кој е снимен според романот „Рускиот конзул“ на Вук Драшковиќ, раскажува приказна што нè враќа во 70-тите години на минатиот век, а кои може да се сметаат за клучни моменти од косовската криза, која ќе го дефинира идниот соживот на Србите и Албанците во Косово.

Главен лик е српскиот лекар психијатар Илија Југовиќ (го толкува Небојша Дугалиќ), кој, како казна по смртта на пациентката во Белград, е префрлен во Косово, во Призрен, каде што се вработува како општ лекар во локалната болница. Таму се среќава со професорот по историја Љуба Божовиќ, самонаречениот руски конзул (Жарко Лаушевиќ), очигледно психијатриски пациент, кој тврди дека наскоро „Русија повторно ќе стане Русија, а Косово повторно ќе биде српско“. Локалните албански моќници, сепаратисти, се вртат против Божовиќ. Тие се обидуваат да го избркаат Божовиќ, но доктор Југовиќ се впушта да го заштити.

Како што пренесуваат српските медиуми, самиот режисер посочил дека тој и неговите соработници на филмот биле многу свесни дека ова е многу комплицирана тема и дека е филм што може да предизвика контроверзии.

„Се трудевме да не се водиме од туѓото мислење, туку да направиме филм од нашето чувство за естетика и суштинска форма што треба да даде некаков заклучок, дека било важно сите во тимот да не прават црно-бела слика, туку да се трудат да бидат објективни во целата ситуација“, изјавил режисерот Мирослав Лекиќ.

Тој е и косценарист со Игор Бојовиќ и најавувајќи го филмот, рече дека оваа драматична приказна има „јасна рефлексија на реалноста што ја живееме“. Тој, исто така, изјави дека филмот „го предвидува времето што доаѓа. Се разбира, ниту Вук ниту ние не се обидувавме да се справиме со потенцијалните решенија, туку сакавме да го покажеме патот што, можеби, ќе биде единствен излез од проблемот што сè уште е актуелен“.

Вук Драшковиќ, пак, смета дека и филмот и романот нè враќаат назад и нè потсетуваат на 70-тите и на 80-тите години на минатиот век.

„Времињата на злото од 90-тите не се ниту во романот ниту во филмот, но во нив убедливо се слуша ударот на претстојната несреќа“, изјавил Драшковиќ.

Инаку, Мирослав Лекиќ му го посвети филмот на Лаушевиќ, за што и пишува на почетокот од најавната шпица. Нивни претходен заеднички филм беше „Нож“.

Филмот „Рускиот конзул“ од 7 март е во редовна кинодистрибуција низ земјата и во регионот, а дистрибуцијата на филмот ѝ е доверена на дистрибутерската куќа „Арт Виста“. (Д.Т.)