Долготрајните аплаузи од софиската публика беа наградени со три изведби на бис, а посебно одушевување предизвика гостувањето на познатата бугарска певица Александра Борисова, која им се приклучи на музичарите на сцена. Меѓу присутните беа и бугарскиот министер за култура, прославениот диригент Најден Тодоров, како и македонската амбасадорка во Бугарија, Агнеса Руси Поповска

По балканската премиера на оркестарската верзија, проектот „Македонисимо“ на Симон Трпчески и пријателите, завчеравечер (25 април), ја продолжи својата благородна мисија на сцената на салата „Бугарија“ во бугарската престолнина, со еден од водечките оркестри во регионов, Софиската филхармонија. На сцената на македонските филхармоничари во Скопје, ова исклучително дело, изнедрено од македонската традиционална музика, низ перото на нашиот композитор Панде Шахов, неодамна Трпчески и пријателите ја изведоа со Камерниот оркестар „Ајга“ и диригентката Ана Спасовска.

Квинтетот „Македонисимо“ со Софиската филхармонија настапи во оригиналниот состав:  Симон Трпчески на пијано, Хидан Мамудов на кларинет, саксофон и кавал, Александар Краповски на виолина, Александар Сомов на виолончело и Влатко Нушев на удиралки. Концертот се одвиваше под палката на исклучителната млада диригентка Ана Спасовска, која го имаше своето деби со познатиот бугарски оркестар, соопштуваат од „КултурОп“, од каде, исто така, ја пренесуваат и атмосферата на самиот концерт:

„Долготрајните аплаузи од софиската публика беа наградени со три изведби на бис, а посебно одушевување предизвика гостувањето на познатата бугарска певица Александра Борисова, која им се приклучи на музичарите на сцена.

Меѓу присутните беа и бугарскиот министер за култура, прославениот диригент Најден Тодоров, како и македонската амбасадорка во Бугарија, Агнеса Руси Поповска“.

И додека следната квинтет-изведба на „Македонисимо“ е закажана за 9 јуни во Глазгов, Шкотска  (како дел од резиденцијалниот циклус концерти на нашиот пијанист од светски глас со Кралскиот шкотски национален оркестар), нашиот светски познат пијанист Симон Трпчески до крајот на овој дел од сезоната го очекуваат и редовните концертни гостувања во Соединетите Американски Држави, Велика Британија и Германија.

Фото: Јован Лесански