Теоретичарката на уметност и културна менаџерка Искра Гешоска од Македонија е една од трите годинешни добитнички на едно од најважните признанија на Германија за културни творци од странство, престижниот Гете – медал за 2024 година. Меѓу добитничките покрај Искра Гешовска од Македонија се и литературната преведувачка и толкувачка Клаудија Кабрера од Мексико и Кармен Ромеро Кверо, основачка и директорка на чилеанскиот театарски фестивал од Чиле „Teatro a Mil“. Гете-медалот ќе го додели претседателката на Гете-институт Карола Ленц на церемонија во Вајмар на 28 август 2024 година, денот на раѓањето на поетот Јохан Волфганг фон Гете (1749-1832).

„Искра Гешоска создала важни платформи за независната културна сцена во Северна Македонија. Таа е соосновач на Фестивалот за критична култура „Крик“ и на мрежата „Кооператива“, која ја поттикнува европската културна размена во поранешните југословенски држави“, стои во образложението на жирито за доделување на престижното признание.

Претседателката на Гете институтот, Карола Ленц, пак, во своето соопштение посочи дека токму во време на различни кризи и поларизирачки дебати како денес, потребна ни е отвореност за различни перспективи во светот, подготвеност да учиме едни од други и да градиме доверливи врски во општеството, но и меѓу различни општества. Годинешните добитнички се залагаат токму за вакви поврзувања и меѓународно разбирање на извонреден начин, без да се обесхрабрат од препреките“.

Инаку, Од 1955 година Гете-институт, еднаш годишно го доделува Гете-медалот како официјално почесно одликување на Сојузна Република Германија и е најважната награда на надворешната културна политика. Кандидатите се номинирани од Гете-институтите низ светот во координација со германските амбасади. Комисијата за доделување на Гете-медалот, која се состои од личности од областа на науката, културата и уметноста, од овие номинации прави избор, кој го потврдува Извршниот одбор на Гете-институт. Со доделувањето на Гете-медалот, германската публика се запознава со светски релевантни културни теми и актери/актерки како и ја поддржува интернационализацијата на германскиот културен пејзаж.

Од првото доделување во 1955 годинa наградени се вкупно 380 личности од 70 земји меѓу кои Јури Андрухович, Даниел Баренбоим, Дејвид Корнвел алиас Џон ле Каре, принцезата Софија Губаидулина, Агнес Хелер, Петрос Маркарис, Ширин Нешат, Ирина Шиер. Хорхе Семпрун, Роберт Вилсон и Хелен Волф.

Томас Оберендер, претседател на комисијата за доделување на Гете-медалот, изборот на добитниците го објаснува вака: „Заедничко им е што тие се основачки и раководителки на фестивали, здруженија или медиуми кои ги уриваат јазичните и мисловните бариери и поставуваат револуционерни импулси во однос на културната политика. Тие се пронаоѓачки на креативни формати за настани и веќе неколку децении ја рефлектираат локалната социјална и политичка ситуација во Латинска Америка и Источна Европа на храбар и иновативен начин“. (Д.Т.)