Во Москва е приведен продуцентот на новинската агенција Ројтерс, одреден му е двомесечен притвор

99
Фото:Принтскрин

Судот во Басман во Москва му одреди двомесечен притвор на продуцентот на новинската агенција Ројтерс, Константин Габов, се вели во соопштението за печатот од судовите во главниот град.

„Судот одреди мерка превенција во вид на притвор во траење од два месеца, односно до 27 јуни 2024 година. Продуцентот на новинската агенција Ројтерс е обвинет за сторено кривично дело според дел 2 од член 282.1 од Кривичниот законик на Руската Федерација „Учество во екстремистичка организација““, се вели во судскиот документ објавен на Телеграм.

Габов е осомничен дека учествувал во подготовка на фото и видео материјал за објавување на каналот Јутјуб NavaljniLIVE, сопственост на Антикорупциската фондација (ФБК).

Таа фондација беше ставена на списокот на странски агенти и екстремистички организации, чии активности се забранети во Русија.