Внимавајте да не ви падне таванот врз глава додека го кажувате судбоносното „ДА“

270

Ѕидовите на објектот при самиот влез се чкртани и испишани со недолични зборови, а исто таква е и влезната врата. А кога се влегува внатре е вистински хорор. Да не говориме за таванот кој само што не паднал врз некого и од него зјае голема дупка. За среќа до сега немало повредени. Градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, вели дека објектот не е во сопственост на општината, туку на Управата за водење на матични книги и како општина немаат надлежност за било какви инвестиции во него. Директорот на Управата за водење на матични книги, Емир Сулејмани решението го гледа во изнаоѓање на простории под кирија, бидејќи покренатата постапка пред Народниот правобранител за преземање на сопственоста на објектот сè уште нема никакви резултати 

Објектот на Матичното каде се склучуваат бракови, каде се вадат изводи од матичните книги на родените, на умрените во Ѓорче Петров се наоѓа во катастрофална состојба. Ѕидовите на објектот при самиот влез се чкртани и испишани со недолични зборови, а исто таква е и влезната врата. А кога се влегува внатре е вистински хорор. Да не говориме за таванот кој само што не паднал врз некого и од него зјае голема дупка. За среќа, досега немало повредени.

Оние што денеска имаа потреба од услугите на оваа подрачна единица на Управата за водење на матични книги беа вчудовидени од состојбата во која се наоѓаат просториите. Коментираат дека не е во ред да чекаат и да стојат во вакви катастрофална состојба и дека амбиентот воопшто не доликува за оние кои првпат го кажуваат судбоносното „Да“. Но, воедно, не се достојни и условите во кои работат вработените.   

За тоа, зошто овие простории се толку запуштени одговор побаравме од градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски. Тој вели дека општината нема никаква врска со овој објект.

– Објектот во кој е сместена подрачна единица на Управата за водење на матични книги не е во сопственост, ниту е во надлежност на Општина Ѓорче Петров. Ниту е наш објектот, ниту како општина имаме надлежност за какви било инвестиции во објектот. За него надлежна е Управата за водење на матични книги, која е под Министерството за правда – објасни Стојкоски.

Тој информираше дека за венчавки, односно за склучување на бракови им ја отстапуваат просторијата во Домот на културата.

Директорот на Управата за водење на матични книги, Емир Сулејмани, вели дека уште кога дошол на чело на оваа институција во март лани бил запознаен со состојбата на овој објект.

– Бидејќи објектот само го користиме, а не е во наша сопственост, туку во државна, започнавме постапка преку Народниот правобранител за преземање на сопственоста. До ден денеска не успеавме во тоа. Затоа решени сме да земеме простории под кирија – дециден е Сулејмани.

Директорот Сулејмани додаде дека имал средба со градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, на која тој ветил дека ќе ѝ понуди некоја просторија каде што би биле сместени службите, но останало само на тоа.

(А.П.)