Ова е привремено, краткорочно или акутно решение кое произлегло од координативната средба што денеска се одржа во ЦУК, меѓу претставници од Град Скопје,Општина Центар, а на која, иако беа повикани и претставници од Министерството за здравство, за жал тие не присуствуваа. Како што изјави Драги Тарчуговски, државен советник за организација на системот за управување со кризи во ЦУК, за целосно решавање на проблемот треба да се изврши целосно зафаќање на подземните води од Водно, што е многу сериозен зафат и ќе чини, бидејќи дел од каналската мрежа е уништена или затрупана, поради што ќе треба да се изгради нов систем, што ќе трае со години, па и деценија
Министерството за здравство е задолжено да ја поправи оградата кај Детската клиника на улицата „Белградска“, а Град Скопје и Општина Центар треба да ја каптираат водата на улицата „Белградска“ на потегот од улицата „Водњанска“ до Инфективната клиника, што не изнесува повеќе од 800 метри.
Ова е привременото, краткорочно или акутно решение кое произлегло од координативната средба што денеска се одржа во ЦУК, меѓу претставници од Град Скопје, Општина Центар, а на која, иако беа повикани и претставници од Министерството за здравство, за жал тие не присуствуваа.
Како што изјави Драги Тарчуговски, државен советник за организација на системот за управување со кризи во ЦУК, за целосно решавање на проблемот треба се да изврши целосно зафаќање на подземните води од Водно, што е многу сериозен зафат и ќе чини, бидејќи дел од каналската мрежа е уништена или затрупана, поради што ќе треба да се изгради нов систем што ќе трае со години, па и деценија.
-Може да се бара акутно решение, односно каптирање на подземните води кои веќе се површински на улицата „Белградска“ и нивно вметнување во атмосферската канализација. За ова треба да се договорат Град Скопје и Општина Центар. Деновиве тие треба да одржат уште една координативна средба за да се види што може да се стори – изјави Тарчуговски.
Прашан колку би чинел зафатот, тој не можеше прецизно да одговори, туку само наведе дека доколку станува збор за сеопфатно решение, тоа би можело да чини повеќе десетина милиони евра, а доколку се работи за акутно краткорочно решавање на проблемот тоа сигурно би зафатило значителен дел од буџетите на Град Скопје и на Општина Центар.
Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, која присуствуваше на координативниот состанок, нагласи дека напамет не би можела ништо да каже за финансиската конструкција сè додека не се види документацијата.
– Сè додека не ја видиме документацијата со која располага Општина Центар, на наредната средба, не може да се зборува ништо напамет. Ниту знаеме финансиски колку тоа ќе чини, ниту што и како треба да се направи. Што се однесува на целосно решавање, проблемот е голем, а такви средства нема предвидено ниту Град Скопје, ниту Општина Центар. Тој систем кај никого не е на одржување. Тоа е нешто што како стратешка инвестиција треба да се направи врз основа на студијата што минатата година ја има изработено АД „Водостопанство“- изјави Арсовска.
И деканот на Градежниот факултет во Скопје, Горан Марковски, денеска повика надлежните институции што побрзо да го решат проблемот со паднатиот потпорен ѕид кај Клиниката за детски болести изразувајќи загриженост за она што се случува во овој предел на градот, во однос на стабилноста на објектите кои тука се градат.
-Уште пред петнаесетина години испратив писмо во кое наведов дека голем дел од тие потпорни ѕидови не се проектирани да можат да носат таков зголемен товар. За жал, сето помина со молк од оние што беа надлежни. Чија е надлежноста за овој потпорен ѕид не знам, едноставно е на сите оние што се инволвирани во процесот да седнат заедно и да го решат овој проблем што поскоро – нагласи Марковски.
Прашан што треба да се прави, дали да се урне ѕидот и да се изгради повторно, Марковски одговори дека не знае во каква состојба е ѕидот, но во секој случај треба брзо да се реагира.
Претходно и Град Скопје и Општина Центар, но и Министерството за здравство се изземаа од надлежноста за санирањето на настанатиот проблем. Градоначалникот Горан Герасимовски одговорноста ја префрли на Град Скопје, бидејќи улицата „Беласица“ била во надлежност на Град Скопје, а од Град Скопје испратија соопштение во кое тврдат дека потпорниот ѕид кој е изграден со цел да биде ограда на Клиничкиот центар, е надлежност на Министерството за здравство, а за надлежностите околу улицата „Белградска“ препратија на адреса на Општина Центар. Од Министерството за здравство, пак, велат дека потпорниот ѕид е изграден на државно земјиште и тие немаат прибележано право за трајно користење на тоа земјиште.
(А.П.)