Двојно е зголемен бројот на сообраќајни незгоди на велосипедистите

204

Во периодот од 2002 до 2019 година двојно е зголемен бројот на сообраќајни незгоди на велосипедистите. Според податоците од Државниот завод за статистика, наведени на фејсбук-страницата на групата скопски велосипедисти „На точак“, во 2002 година загинале 6 велосипедисти, а 113 биле повредени, во 2003 година загинале 8, а повредени се 138 велосипедисти. Во 2004 година пак, загинале 9 велосипедисти, а повредени биле 167. Во 2017 година 267 се повредени, во 2018 година повредени велосипедисти патници биле 263, додека во 2019 повредени биле 232 велосипедисти патници.

Како што пишува „Мета“ тоа покажува дека во изминативе една и пол деценија се зголемила опасноста за велосипедистите да настрадаат при учество во сообраќајот, која пораснала паралелно со зголемувањето на бројот на регистрираните возила во нашата земја, но и со порастот на прекршувањата на сообраќајните правила од возачите.

Статистичките податоци покажуваат дека најмногу загинати и повредени велосипедисти се во возрасната категорија од 25 до 64 години (вкупно тројца загинати и 125 повредени лица во 2019 година), додека по нив следуваат старите лица со над 65 години, со 33 повредени лица во текот на минатата година.

Од „На точак“ велат дека е добро што се намалува бројот на загинати велосипедисти.

– Добро е што се намалува бројот на загинати велосипедисти. Ова веројатно има врска со Safety by numbers: безбедноста на пешаците и велосипедистите се зголемува како што се зголемува нивниот број, зашто возачите се побудни и посвесни за нивното присуство. Нашиот впечаток е дека бројот на велосипедисти се зголемува последнава деценија. Се надеваме дека зголемувањето на бројката на повредени велосипедисти се должи само на ова зголемување и дека се тоа во поголем дел лесни повреди. За потешките повреди да се спречат потребни се мерки како во намалувањето на смртните случаи (инфраструктурни и репресивни)  – потенцираат од „На точак“.

Тие додаваат дека за жал, тоа зголемување на велосипедскиот сообраќај не го мери ниедна институција, ниту Државниот завод на статистика, ниту Град Скопје кој во Планот за унапредување на велосипедскиот сообраќај се обврза дека ќе воведе опрема за детекција и броење на велосипеди во 2020 година и дека ќе собира податоци за патувања со велосипед преку редовни мерења и анкети спроведени во 2019, 2020 и 2021-ва година.

Според последниот официјален податок кој го има „На точак“ за учество на велосипедскиот сообраќај во вкупниот е дури од 2010 година кога изнесувал 1,4 проценти.

Од „На точак“ прашуваат: „Како можеме да правиме било какви политики за некој тип сообраќај ако немаме бројки?“ и додаваат дека засега се мери само автомобилскиот сообраќај со околу 850 мерачи за автомобили поставени во асфалтот на скопските крстосници и ниту еден мерач за велосипеди.

(А.П.)