Кои осумнаесет пратеници од СДСМ влегуваат во Собранието?

1053

Најголемиот изборен пораз на СДСМ досега, со кој партијата се соочи по објавувањето на резултатите од последните парламентарни избори, неминовно ја наметна потребата од реформа на партијата и внатрепартиски избори. Лидерот на СДСМ, уште вечерта по изборите најави дека следува големо консолидирање, почнувајќи од него, па се до последниот партиски функционер и сите раководни кадри.

– На СДСМ му е зададен тежок удар не само од граѓаните, туку и од симпатизерите и поддржувачите. И јас и сите именувани функционери имаме одговорност. Никој реално не е без одговорност. СДСМ ќе треба да погледне назад за да ја обновиме и вратиме довербата на граѓаните. Повикувам на нови партиски избори почнувајќи од претседателот на партијата до сите органи на партијата, рече Ковачевски.

По најавата на Ковачевски за целосно реструктуирање на партијата, сеуште нема официјални информации за тоа кога ќе се одржи партискиот конгрес на кој би требало да има смени на сите нивоа. Неофицијално, веќе од следната недела ќе се знае кога тоа ќе се случи.

СДСМ на последните парламентарни избори освои 18 пратенички места, најмногу во четвртата изборна единица, петмина. Иако ова е најслаб резултат на партијата досега, сепак, социјалдемократите имаат 18 народни избраници, кои е извесно дека во Собранието ќе делуваат опозициски.

Во новиот собраниски состав, од СДСМ во Изборната единица 1 влегуваат тројца пратеници – лидерот и поранешен премиер Димитар Ковачевски, коносителката на листата која доаѓа од редовите на коалициониот партнер ЛДП, Моника Зајкова, и Даниела Николова, која била трета на листата и имала голема среќа да добие пратенички мандат во наредните четири години.

Даниела Николова и досега беше пратеничка на оваа партија, а во собраниските клупи успеа да седне во 2021 година, откако оставка поднесе Мирослав Богдановски од ДОМ, поради недоразбирања во партијата.

Од двојката само двајца претставници на СДСМ ќе ги бранат боите на партијата во парламентот. Станува збор за поранешниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски и вицепремиерот за економски прашања во заминување, Фатмир Битиќи, кој беше и еден од потпретседателите кои веднаш по изборниот дебакл подне оставка од својата партиска функција.

Од третата изборна единица СДСМ ќе има четворица пратеници. Во собраниските клупи ќе седне досегашната потпретседателка на СДСМ и директорка на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска. Во парламентот влегува и Љупчо Николовски, министер за земјоделство во заминување, потоа Горан Мисовски од редовите на коалициониот партнер НСДП, кој беше и потпретседател на Собранието и долгогодишен пратеник, како и министерот за транспорт во заминување и поранешен градоначалник на Штип, Благој Бочварски.

Четворката им донесе на СДСМ најмногу, петмина народни избраници. Од оваа ИЕ, интересите на граѓаните ќе треба да ги бранат поранешниот министер за здравство Венко Филипче, министерката за труд и социјала, Јована Тренчевска. Од четвроката влегуваат и Миле Талевски, пратеник на СДСМ од претходниот парламентарен состав, како и Соња Мираковска од НСДМ, исто така долгогодишна пратеничка. Нов во собраниските клупи ќе биде претседателот на општинската организација на СДСМ во Струмица и поранешен директор на тамошниот затвор, Борче Цветков.

Од петата изборна единица, социјалдемократите ќе имаат тројца пратеници во новоизбраниот собраниски состав. Во Парламентот останува Јован Митревски, долгогодишен пратеник и координатор на пратеничката група на СДСМ, како и актуелен спикер на Собранието, откако неговиот претходник Талат Џафери беше избран за технички премиер. Заедно со него, и министерката за култура во заминување Бисера Костадиновска-Стојчевска се враќа од таму каде што дојде, во пратеничките клупи. Нов во Собранието ќе биде организациониот секретар на СДСМ, Митко Трајчулески.

Најмалку пратенички мандати СДСМ освои во шетската, од каде доаѓа само министерката за одбрана во заминување, Славјанка Петровска, за која исто така Собранието е позната средина.