Техничкиот премиер Талат Џафери со чист образ и мирна совест заминува од функцијата на „Илинденска“. Ова го изјави на денешната прес-конференцијата на која даде отчет за работата на техничката владата во изминатите 100 дена и  посочи дека го сработил тоа што го најавил кога беше именуван на чело на преодната влада и се обврзал дека ќе овозможи слободно изразување на граѓанската волја на претседателските и парламентарни избори. Рече дека изборите на 8 мај биле европски и дека ќе се споменуваат по тоа како може да се работи во интерес на граѓаните и на државата.

-Спроведовме слободни, мир, фер и демократски изборни процеси во двата изборни круга и со тоа придонесовме во европското поведение на земјата, која што стреми да биде членка на ЕУ. Се обврзав пред граѓаните дека ќе овозможиме слободно изразување на граѓанската волја на изборите Ова е обврска договорена со Уставот и законите и јас како премиер и Владата доследно ја исполнивме. Ако по нешто се оценуваат европските и демократските капацитети на една власт, тогаш тоа се изборите. Со чист образ, мирна совет и должна почит кон граѓаните можам да оценам дека тоа што најавив кога стапив на должност, пред 100 дена, го спроведов. Потврдив дека моето именување за премиер како прв премиер Албанец на Северна Македонија е уште еден придонес за демократијата, изјави Џафери.

Тој му порача на оној што ќе го наследи на позицијата дека влада што ќе ја предводи сега треба и мора да продолжи по европскиот пат и државата да стане полноправна членка во ЕУ во 2030 година. Оцени дека тоа ќе значи почитување на волјата на граѓаните кои, како што рече, сакаат да живеат во стабилно и предвидливо општество кое ќе биде во чекор со развиениот свет.

-Шансата е пред државата и пред новата влада, а исто така и одговорностите. Сега треба и мора да се продолжи по европскиот пат со преточување на граѓанската волја во новата извршна власт, рече техничкиот премиер.

Преодната влада, чија основна задача беше да ја предводи земјата 100 дена пред избори беше изгласана во Собранието на 28 јануари, а Талат Џафери беше именуван како технички премиер. Најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, иако предложи свои кандидати во владата, не гласаше за нејзиниот избор, оти се противеше владата да ја предводи Талат Џафери.

Џафери вчера не одговори на прашањето дали е подготвен да замине во опозиција со оглед на изјавите кои доаѓаат од претседателот на ВМРО -ДПМНЕ дека нема да преговара за коалиција со ДУИ.

-Јас сум премиер и размислувам за мандатот што треба да го завршам. Тоа се прашања на органите на партијата и во тој контекст да завршат преговорите, другото е прашање на исходот од преговорите за состав на нова влада, рече Џафери

На изборите на 8 мај коалицијата на ДУИ освои 19 мандати додека нивниот конкурент во албанскиот блок Вреди доби 13 пратеници.

Џафери по изборите доби мандат за пратеник  во новиот парламентарен состав, а тој немаше конкретен одговор и на прашањето дали може да се очекува уште еден негов мандат како премиер со оглед дека Европскиот фронт кој го предводи ДУИ излегува со став во јавноста дека очекуваат да влезат во составот на идната влада.

-Составот на идната влада е работа на преговори меѓу политичките субјекти коишто добиле мандат. Ќе видиме според калкулациите како ќе бидат разговорите меѓу субјектите. Јас сум фокусиран на обврските на составот на Владата што ја водам. Впрочем, мандатот на оваа влада е до избор на нова. Работата на конфигурација на идната влада е работа на преговори меѓу политичките субјекти коишто добиле мандати во Собранието по изборите одржани на 8 мај, така што по ова прашање треба да се очекува резултат од таму, рече Џафери .

Прашан за коментар за изборниот процес и дали беше спроведен тивок бојкот за претседателските избори, техничкиот премиер изјави дека тој и ДУИ не повикале ниту ги мотивирале граѓаните за бојкот, туку дека било оставено на граѓаните да гласаат по сопствена волја.

– Поединечните, индивидуални ставови не може да се претставуваат и да се заклучуваат како општи генерални ставови на субјектот, односно на фронтот воопшто. Впрочем, во моето родно место кандидатката сега веќе избрана за претседател со мнозинство имала 100 гласа, противкандидатот експретседателот 127 гласа, тоа е волја на граѓанинот, вели Џафери.

Што се однесува на видеото објавено од вицепремиерот и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, каде тој гласа само со едно избирачко ливче, Џафери вели дека Груби не е ниту влада, ниту е партија, туку дека е тоа негов индивидуален став и како што рече слобода на мисла.

-Јас имав изјава како премиер на избирачкото место по гласањето, кога потврдив дека и самиот гласав и дека ги земав двете ливчиња, така што индивидуалниот став не е општ став по којшто може да се констатира и да се извлече заклучок. Груби е министер е, индивидуа е по однос на Владата, не е став на Владата, изјави Џафери.

Џафери пред да дојде на позицијата технички премиер на 100 дена пред избори, беше претседател на Собранието, а претходно  министер за одбрана.

Ова е трета преодна или техничка влада од 2016 година наваму. Премиер на техничката влада во 2016 година беше Емил Димитриев, додека во 2020 година беше Оливер Спасовски.

(М.С.)