Дали на еколошкиот чир „Вардариште“ ќе никнат спортски терени и паркови?

388

Утре на седница во советот на општина Гази Баба, конечно после толку години, ќе биде ставен на гласање деталниот урбанистички план за Вардариште. Со планот „ДУП за градска четврт СИ 09, блок 1, не се предвидени објекти за домување туку парковско зеленило со водоснабдителна инфраструктура за полевање на зеленилото, а во седумте градежни парцели да се подигнат повеќенаменски спортски терени на отворено без трибини за фудбал, кошарка, ракомет, тенис, атлетика, одбојка, голф и слично со пропратни објекти за компатабилни намени (угостителски единици, хотели, градби за собири итн).

Меѓу советниците има расположение ДУП-от за Вардариште да добие зелено светло, но кај некои од нив постои скептицизам дека ќе има конечно решение за еден од најголемите проблеми со отпадот на територијата на општина Гази Баба. Ова поради фактот што со ДУП-от од 2014 година за овој простор од 22,7 хектари, кој е до поранешната фабрика „Годел“ беше предвидено да се уреди со голф терени, игралиште за пеинт бол, голем парк и расадник за рози за потребите на Град Скопје.

Тој план стои во фиока и таму во изминативе 6-7 години нема направено ништо од планираното, а Вардариште и понатаму служи како депонија за одлагање на секаков отпад од каде се шири реа. Таму живеат околу сто жители – фантоми кои околу живеалиштата имаат направено депонии од пластика, картони, отпадно железо и разноразни кабли кои ги горат. Жителите на општините Аеродром и Гази Баба и репризно секоја година ги чувствуваат последиците од неконтролираните пожари од Вардариште.

Советници од општина Гази Баба велат дека Министерството за труд и социјална политика треба, а не го решава, проблемот со фантомите и во изминативе години само го става под тепих. Тие лица им прават проблеми на жителите од населбата „Кирил Петрушевски“ бидејќи ги крадат и им провалуваат во нивните куќи.

Тие се скептици и дека во догледно време тешко таму нешто ќе се гради со оглед на проблемот со метанот и другите гасови кои излегуваат од Вардариште, која официјално е затворена пред речиси 25 години со изградбата на депонијата „Дрисла“. Таму се натрупани милиони килограми отпадоци од скопските домаќинства, а тоа продолжи да се провлекува до ден-денес.

(С.Бл.)