„Затоа што не сакам да излезам од државата, ќе излезам да гласам”!

Пред Македонија се двојни избори. Политичарите се обидуваат да ги мотивираат младите да ја земат судбината во свои раце и да гласаат на 24 април и на 8 мај. Но, не оди тоа така лесно. Искуствата досега покажуваа дека изостанува интерес за политиката кај популацијата на возраст од 18 до 29 години и дека проблем е излезноста на младите на изборите. Апстинирањето на младите од изборите е тренд и во светот. Сепак, одговорите на млади луѓе за весникот ВЕЧЕР покажуваат дека кај дел од нив расте интересот за политиката. Дали тоа дава надеж и за поголема излезност? – Со вакви политики, младите не ги чувствуваат политиките блиски до себе. Политичарите се толку многу опседнати со себе и притоа се ставаат во главна улога во комуникацијата со граѓаните. Не се емпатични. Политичарите, кога би биле емпатични, би ги прашале младите што бараат, а не тие да им кажуваат што им треба. Истото тоа се случува и со секоја категорија граѓани. Политичарите не ги прашуваат луѓето што им треба, туку им кажуваат: „Oва ви треба и затоа гласајте за нас”. Тоа им е најголемата комуникациска грешка – вели за ВЕЧЕР, комуникологот Бојан Кордалов.

87

Македонија е пред двојни избори. Политичарите се обидуваат да ги мотивираат младите од 18 до 29 години да ја земат судбината во свои раце и да гласаат на претседателските и на парламентарните избори на 24 април и на 8 мај. Но, не оди тоа така лесно.

Студентка што има 25 години, вели за весникот ВЕЧЕР дека одлично ѝ оди медицината, но дека изборите и правото на глас не се теми што ја интересираат.

– Дали ќе излезам да гласам на избори? Па, не знам, сè уште не сум одлучила дали ќе останам дома за да учам или ќе отпатувам во мојот роден град и ќе гласам.

Вели дека и многу нејзини колешки од Медицинскиот факултетот во Скопје имаат слични дилеми.

– Право да ви кажам, повеќето се интересираат дали и како да заминат од државава отколку да излезат и да гласаат. Со оглед на тоа дека сум шеста, завршна година од студиите, учам и германски јазик. Иако сакам да гласам и да останам во Македонија, сите знаеме каква е состојбата. Ќе видиме како ќе се снајдеме… знаеме како се доаѓа до специјализација и до вработување и дека најголема улога во тоа имаат врските. Но, може и ќе го искористам правото на глас, но не знам за кого би гласала, мора да видам за тоa.

Нејзин врсник, кој студира информатика, вели дека ќе го искористи правото на глас и дека знае за кого ќе гласа.

– Може другите немаат доволно свест. Јас ќе гласам. Да, знам за кого ќе гласам. Чувствувам дека треба да излезам и дека можам да разберам работи што порано не ги разбирав. Баба ми и дедо ми се пензионери и многу гледаат вести, па најмногу од нив знам што се случува, зашто ги слушам што зборуваат. И јас понекогаш гледам телевизија и слушам како постојано се напаѓаат партиите, кои одвреме-навреме ги споменуваат и младите и ветуваат, ова ќе го направиме, тоа ќе го направиме – вели тој.

Кристијан, исто така, ќе оди на избори. Тој е ентузијаст, со оглед на тоа што првпат ќе го искористи своето право да гласа, како полнолетен гимназијалец. Вели дека научил во семејството дека не треба да ги избегнува политичките теми.

– Да, ќе излезам да гласам. Ме мотивира желбата да се смени нешто во државава. Имам 18 години. Не би заминал, а и очекувам да нема потреба да си одиме од државава, затоа и ќе гласам, да не мора да си одиме. И дома, во семејството, постојано се зборува за избори и околу тоа за кого би гласале, вели Кристијан.

Дека гласот на младите е сила на која се смета, покажува и текот на кампањата.

Политичарите се обидуваат со пораки да ги убедат младите дека нивниот глас е нивна моќ.

Им го привлекуваат вниманието со ветувања за помош и поддршка, слични како јајце на јајце, дека ќе напредуваат младите според талентот, а не зашто се нечии деца; се ставаат потписи на уметнички слики на млади автори, како гаранција дека ќе биде подобро во земјава; се излегува со програми во кои се најавуваат поголеми буџетски издвојувања и по 200 евра месечно во првите 12 месеци за секое прво вработување на лицата по 26 години …

За овие избори, и Државната изборна комисија излезе со кампања, заедно со младинските студентски организации, со која ги мотивира младите да излезат и да гласаат, но и за да предочат на праксата на злоупотреба на децата во кампањите.

Некогаш младите беа носители на промените. Пред повеќе години, студентите и средношколците ги иницираа и големите протести поттикнати од незадоволството од состојбите во образованието, а тие случувања ѝ претходеа на познатата Шарена револуција, која беше насочена против тогашната Влада.

Но, оттогаш поминаа години и опција на младите на кои не им се допаѓаат состојбите и натаму им е да се тргнат од земјава.

Во меѓувреме, во континуитет, години наназад, се намалува и интересот за гласање на изборите во државава.

Комуникологот Бојан Кордалов вели за весникот ВЕЧЕР дека тоа се должи најмногу на иселувањето, како и на загубената доверба на луѓето во политичарите.

Вели дека, за жал, не верува дека може да се мобилизираат повеќе гласачи ако продолжи трендот на разочараност. Смета дека тие не успеваат да им се обратат на младите гласачи на начин што ќе допре до нив.

– Со вакви политики, младите не ги чувствуваат политиките блиски до себе. Политичарите се толку многу опседнати со себе и притоа се ставаат во главна улога во комуникацијата со граѓаните. Не се емпатични. Политичарите, кога би биле емпатични, би ги прашале младите што бараат, а не тие да им кажуваат што им треба. Истото тоа се случува и со секоја категорија граѓани. Политичарите не ги прашуваат луѓето што им треба, туку им кажуваат: „Oва ви треба и затоа гласајте за нас”. Тоа им е најголемата комуникациска грешка – вели Кордалов.

Инаку, политичарите преминуваат со изборните активности и на социјалните мрежи, како канал на комуникација што го користат младите. Кордалов потенцира дека не е доволно само да се појават на „Тик-ток“ или на „Фејсбук“ туку дека и содржините што ги пласираат, треба да бидат интерактивни и да ги мотивираат со политики што ги интересираат нив.

– Се селат и на социјалните мрежи. Дигитализацијата не значи да дојдете и да кажете „следете нè“, со истите пораки од рекламите и од митинзите, туку се потребни посебна техника и стратегија – вели Кордалов.

Инаку, истражувањата покажуваат дека две третини од младите во државава не сакаат да влезат во партија, а незаинтересираноста за политиката се толкува и како индикатор за тоа каков е интересот да излезат и да гласаат на избори. Досегашните искуства го покажуваат апстинирањето на младите од избори, а тоа е тренд и во светот.

Во Македонија, како што вели Кордалов, општо се забележува намалување на излезноста на избори и посочува дека меѓу 40 и 50 проценти од луѓето воопшто не излегле на гласање по 2019 година, додека претходно, во изминатите неколку години, тој број се движел меѓу 20 и 30 проценти.

М.С.