Полека привршува сезоната во најквалитетното клупско кошаркарско натпреварување, НБА лигата, бидејќи не чекаат конференциските финалиња, во кои силите ќе ги одмерат Далас Маверикс и Минесота Тимбервулфс (Запад), односно Бостон Селтикс и Индијана Пејсерс (Исток). Сериите се играат во четири добиени, а интересно е тоа што ниту еден играч од Топ 10 според платите нема можност да дојде до шампионскиот прстен. Сите се елиминирани!

Поточно, од 15-те најплатени играчи во лигата активен е само еден. Станува збор за Руди Гобер, францускиот центар на Минесота е рангиран на 13-тото место по заработка во најсилната кошаркарска лига.

Најплатен играч во НБА е Стеф Кари со 51.915 милиони долари по сезона, а Голден стејт беа елиминирани уште на стартот од плејофот. На второто место на оваа листа се наоѓа Кевин Дурент со 47.649 милиони долари, а Феникс Санс беа елиминирани од плејофот во првото коло и тоа со 0-4 во победи.

Третиот играч според примањата во НБА беше елиминиран пред неколку дена, а станува збор за МВП-то на сезоната – Никола Јокиќ (47.607 милиони долари). Тој со својот Денвер Нагетс беа елиминирани со 3-4 во конференциското полуфинале. Истата плата ја имаат и Леброн Џејмс и Џоел Ембид, првиот беше елиминиран со ЛА Лејкерс со 1-4 во првото коло, токму од Денвер, додека Ембид со својата Филаделфија испадна уште во првото коло од плејофот со 2-4.

Во Топ 10 се уште и Бредли Бил (46.741 милиони долари) од Феникс, Каваи Ленард (45.640 милиони долари) од ЛА Клиперс, Пол Џорџ (45.640 милиони долари) од ЛА Клиперс, Јанис Адетокумбо (45.640 милиони долари) од Милвоки, Демијан Лилард (45.640 милиони долари) од тимот на Милвоки.