Маџир Маало е населба на еден километар воздушна линија од центарот на Скопје  и во него се вкрстуваат минатото и сегашноста. Покрај тесните улички, кои се вкрстуваат под агол од 90 степени, покрај трошните куќарки, градени пред повеќе од еден век, никнуваат згради и населбата полека го менува ликот.

Маалото порано имало улици за колска запрега, велосипеди и пешаци, станбени површини за домување, продавници, дуќани за разни занаети, маалски фурни и чешми и за тогашни услови претставувало урбано живеење, кое нудело повисок квалитет на живеење од другите маала во Скопје.

Но, како што вели за весникот ВЕЧЕР, Иван Стојковски, архитект во пензија, инаку меѓу маџирмаалчани познат како чичко Ване, Маџир Маало во минатото не е само ова парче земја позиционирано покрај Транспортниот центар, туку старото Маџир Маало се простирало сè до Ново Лисиче, опфаќајќи ја и сегашната населба Мичурин и дел од Аеродром.

– Ние во Маџир Маало имаме прв урбанистички план во Скопје и пошироко исцртан во далечната 1890 година. Улиците ни се вкрстуваат под прав агол, што не може да се види никаде во Скопје. Тоа било така, затоа што тогашните урбанисти воделе сметка за проветрувањето. Ги поставувале улиците така едни да одат паралелно со реката Вардар за да може да поминува ветерот Повардарец, а другите улици да бидат под 90 степени за да доаѓа проветрувањето од Водно и од Гази Баба. И ќе ви кажам уште еден штос на старите урбанисти. Тие ќе заколеле животни и ги ставале на четири места. Таму каде што најмалку смрдело од угинатото животно, сметале дека тоа место е добро за живеење и можело да се гради куќа – раскажува 81-годишниот чичко Ване.

Тој вели дека неговото маало е прво по многу нешта. Имаат населба со улици именувани по македонски градови: Преспанска, Охридска, Прилепска, Светиниколска, Титовелешка… и вели дека никако не дозволуваат да им ги сменат имињата на улиците. Исто така, тука била првата железничка станица наречена „Вардар“, затоа што маалото порано се викало Вардар.

– Во 1392 година, со влегувањето на Турците во Скопје, дошле доселеници од Турција и на нив властите им ги давале нивите да прават куќи. Оттука и се сменило името на маалото, бидејќи Маџир на турски значи доселеник. Подоцна кога се направила пругата, во 1830 година, кога тука поминал првиот воз, дошло до развој на маалото. Пред железничката станица „Вардар“ имало 8-колосечни линии, возовите носеле ќумур кој се продавал за потребите на цело Скопје – раскажува чичко Ване.

Маџирмаалци можат да се пофалат и со првиот железнички мост преку реката Вардар. Темелите на стариот мост сè уште се во реката непосредно до новиот железнички мост. Чичко Ване вели дека по многу објекти и места, кои се објавени во Монографијата за Маџир Маало, се први во Скопје.

– Ние го имаме првиот аеродром во Македонија каде што полетуваа и слетуваа првите авиони двокрилци и се спушташе со падобран. Контролната кула на аеродромот се наоѓаше кај сегашниот трговски центар „Бисер“ и во неа имаше работилница за поправка на авиони и едрилици. Ние го имаме првиот отворен пливачки базен, кој и ден-денеска функционира кај касарната „Гоце Делчев“. Го имаме и првиот чамец на диви води, кој го донел маџирмаалец на кој не можам да се сетам на името, а исто така во Маџир Маало е донесена и првата, вистинска топка фудбал од Урош Петровски, поранешен фудбалер на ФК „Вардар“, кој е починат. Можам да кажам, малку на шега, дека ние ја имаме измислено топлата вода. Мајка ми во дворот го ставаше алуминиумското корито и го полнеше со вода да се стопли на сонце. Потоа ќе нè повикаше да се искапеме – се насмевна чичко Ване.

Тој потсетува дека низ Маџир Маало поминувал еден крак од реката Вардар, го викале Вардарче.

– Поаѓаше од кај Офицерскиот дом и се движеше кај Маџир маало по улицата „АВНОЈ“ и завршуваше до сегашната црква „Свети Јован Крстител“ во Ново Лисиче  каде што се спојуваше со Вардар. Водата служеше за полевање на бавчите, а од зарзаватот што се произведуваше, се хранеше тогашната армиска област – се присетува чичко Ване. 

Тој смета дека Вардарчето и понатаму тече, но како подземна река, а за тоа сведочи што кај поранешната фабрика „Мичурин“ имало голем бунар со радиус од 3 метри и длабочина од 50 метри. Кога се правел булеварот „Кузман Јосифовски Питу“ требало бунарот да се затрупа, но по интервенција на чичко Ване, отворот е покриен со бетонска плоча и бунарот е зачуван.

Денес тука, на простор од 0,1 квадратен километар се наоѓаат остатоци од сите епохи: од турско време од втората половина на 19 век, од првата половина на 20 век, кога угледни граѓани имале куќи во ова маало, па сè до повоениот период кога многу работнички семејства се населиле во маалото. Последниве години десетина нови седумкатници никнаа врз и меѓу полураспаднатите куќи на Маџир Маало.

(С.Бл.) – Фото: П. Стојановски