Во Европа откриено подземно складиште за оружје на Хамас: „Подготвувале терористички напади“, соопштија германските служби

159

За време на истрагата за членовите на Хамас, уапсени во декември во Германија и Холандија, истражителите открија складиште со оружје наменето за напади врз еврејски објекти во Германија, објавија германските медиуми во средата.

„На југот на Бугарија, пронајдено е подземно складиште со оружје и муниција што требаше да се користи за напади на Хамас врз еврејски цели во Германија, особено во Берлин“, пишува „Шпигел онлајн“, повикувајќи се на извори во германската антикриминална служба (БКА).

Според истите информации, пронајденото оружје сега е делумно неупотребливо поради ‘рѓа.

Како e откриено?
Сознанието за складиштето за оружје е добиено преку анализа на мобилниот телефон на еден од четворицата Палестинци уапсени во декември во Берлин и Холандија поради сомнение дека подготвувале складишта за оружје во Европа, кои треба да се користат за терористички напади, по налог на Хамас.

Како што дополнително се сомнева и Главното државно обвинителство, уапсените најверојатно подготвувале слични подземни складишта во Полска. Во автомобилот на тројцата при контрола на германско-полската граница биле пронајдени лопати.

Германските и европските агенции за спроведување на законот добиле информации за членови на милитантното крило на Хамас од израелските разузнавачки служби.

Во јануари германските власти објавија дека наредбата за подготовка на складишта за оружје ширум Европа ја дал самиот Калил ал-Караз, заменик командант на милитантното крило на Хамас, кој оттогаш е убиен во израелски напад.