Украинскиот борец Олександр Усик е апсолутен шампион во тешка категорија, откако го победи Тајсон Фјури со поделена судиска одлука, по 12 рунди во спектакуларна борба. Украинецот ги обедини шампионските појаси во сите организации, па е првиот апсолутен шампион по цели 25 години. Претходно тоа му успеа на легендарниот Ленокс Луис, кој ги освои сите титули во 1999 година, по триумфот над Ивандер Холифилд.

Клучните детали од мечот меѓу Усик и Фјури се случија во деветтата рунда. Тогаш потрошениот Украинец му зададе брутални удари на својот ривал. Го заплетка меѓу јажињата во рингот. Имаше неколку нестабилни чекори од Џипси Кинг и ѕвончето дојде во вистинското време. Времето за рундата истече, а Фјури едвај се задржа на нозе, преживувајќи ги најтешките моменти на натпреварот.

Британскиот борец веруваше дека има елементи за негова победа, дури и судиите не беа целосно сигурни дека Усик е нов апсолутен светски шампион, но се чини дека на крајот донесоа фер одлука. По прогласувањето на победникот, стана јасно дека Усик ќе го додаде ВБЦ-појасот кон ВБА, ИБФ, ВБО и ИБО-титулите, што е најголем успех во неговата професионална кариера.

Украинецот ја извојува најголемата победа во кариерата и веќе се зборува за неговото следно влегување во рингот. Прашање е против кого ќе биде тоа, бидејќи Фјури сигурно сака реванш и одмазда на самиот крај на професионалната кариера. Засега не е јасно кога би можеле да видиме втор дел од спектаклот, но има индиции дека двајцата најдобри светски тешкаши би можеле да влезат во рингот пред крајот на годинава.

Олександер Усик сега има скор од 22 победи од исто толку натпревари, додека Фјури, по 34 победи и едно реми, го доживеа првиот пораз.