Таравари ќе бара гаранции од ЕУ и излегување од „Отворен Балкан“

2190

Кандидатот на албанската опозиција за претседател на Македонија, Арбен Таравари денеска изјави дека ако победи на изборите ќе му предложи на Собранието, Македонија веднаш да се повлече од регионалната иницијатива „Отворен Балкан“.

Таравари ова го рече на презентацијата на својата предизборна платформа, која се заснова на четири столба: Македонија интегрирана во регионот и Европа, Македонија производител на безбедност, Македонија правна држава и Македонија консензуална демократија.

Тој посочи дека негов најголем приоритет како претседател ќе биде интеграцијата на Македонија во Европската унија (ЕУ) и дека ќе се залага за зголемување и продлабочување на регионалната соработка која го вклучува Косово како независна држава.

Таравари посочи дека ќе бара гаранции од високиот претставник на ЕУ дека по усвојувањето на уставните амандмани за внесување на Бугарите во Уставот, нема да има дополнителни барања за Македонија надвор од преговарачката рамка од 2022 година.