ТАЈВАН БРОИ МРТВИ, ПОВРЕДЕНИ И ЗАРОБЕНИ: Најсилен земјотрес во последните 25 години/ВИДЕО

408

Најмалку девет лица загинаа, а повеќе од 900 се повредени во силен земјотрес со јачина од 7,4 степени според Рихтеровата скала што вчера утрото го погоди источниот брег на Тајван.

Во најсилниот земјотрес што го погоди островот во последните 25 години, неколку згради се урнаа во Хуалиен, градот најблиску до епицентарот, каде што се во тек спасувачки операции. Најмалку 137 луѓе се затрупани во урнатините, а околу 100 се заробени во тунелите Џинвен и Дакинкшуи под планините во округот Хуалиен, а се стравува дека бројот на жртвите ќе расте.

Двајца германски државјани останаа заробени во тунелот Чонгде во националниот парк Тароко. Останатите 50 луѓе кои патуваа од централниот град Хуалиен до блискиот национален парк Тароко беа заробени во четири минибуси. Во прашање се вработени кои се превезуваат во хотелот „Силкс плејс Тароко“, во пресрет на четиридневен викенд, за два локални државни празници. Во градот Њу Тајпеј се урна фабрика, изјави градоначалникот Хоу Јиу Јих, кој тврди дека внатре имало 57 луѓе и дека засега само едно лице е повредено.

Тајванскиот претседател Цаи Инг-вен им рече на новинарите дека „владата мора да обезбеди точни информации и да обезбеди навремена помош за луѓето“. Подготвеноста на Тајван за земјотреси, инаку, е меѓу највисоките во светот, поради строгите градежни прописи и фактот што имаат силни сеизмолошки мрежи.

Земјотресот беше почувствуван и во планинската внатрешност на Тајван, предизвикувајќи масовни лизгања на земјиштето. Оштетени се многу автомобили и продавници. Исклучување на струја и интернет беа пријавени низ островот. Централниот оперативен центар за вонредни состојби на Тајван потврди дека досега се регистрирани 101 последователен потрес.

– За среќа, многу луѓе беа на улица. Тајмингот беше среќна околност, околу осум часот наутро, па повеќето граѓани беа на пат на работа или ги носеа децата на училиште. Видовме слики од Хуалиен, луѓе застанати во сообраќајот гледаа како се урива зграда… И покрај страшната глетка, тие ја задржаа присебноста – изјави анонимен очевидец.

Канцеларијата за надворешни работи на Тајван издаде соопштение во кое им се заблагодарува на „сојузниците и пријателите“ Јапонија и Парагвај, за понудата за помош. Иако Пекинг, исто така, веднаш понуди помош, Советот за копнени прашања, тајванска агенција која се занимава со Кина, им се заблагодари на кинеските власти за нивната загриженост, но рече дека нема да има барање за помош од таа страна.

„Копното е многу загрижено за ситуацијата и го изразува своето искрено сочувство до тајванските сонародници погодени од катастрофата“, рече Жу Фенглијан, портпарол на Канцеларијата за прашања на Тајван на Државниот совет.

Кина и Тајван, кој е на само 180 километри од источниот брег на Кина, имаат затегнати односи. Додека Тајван се гледа себеси како суверена земја, Пекинг го смета за своја провинција. Тајван е дом на најголемите светски производители на компјутери, хардвер и чипови.