По успехот на концертот во Скопје на 14 мај, вториот настан од концертната турнеја со наслов „Танго приказна“ ќе се одржи на 12  јуни, (среда) во Офицерскиот дом, Битола, со почеток во 20 часот. Љубителите на музиката и танцот и овој пат ќе имаат извонредно концертно танго доживување со камерниот состав „Агогик ” и сценски настап на Владанка Колева и Онур Мок од ,,Центар 213″.

Концертната турнеја на „Танго приказната“ е со цел доближување на танго културата, музиката и танцот до пошироката македонска публика.

Третиот концерт, пак, ќе се одржи во Струмица.

Инаку, публиката ќе има можност да ужива во прекрасните танго композиции, милонги и валцери од најпознатите композитори на тангото како А. Пјацола, Ф. Канаро, К.Гардел и други.

Камерниот состав „Агогик”, во состав Филип Петрески на хармоника, Ајхан Куртов на пијано и Пламенка Трајковска на виолина, повеќе од 15 години ја носат магијата на танго музиката кај нас. Досега настапиле на речиси сите македонски сцени и познати манифестации како Скопско лето, Бит фест, Штипско културно лето, Топол културен бран, Кавадаречка културна есен, Велешко културно лето и многу други настапи на концертни сцени во Македонија и концерти во Србија и Грција.

На концертот публиката ќе може да ужива во сценскиот настап на Владанка Колева и Онур Мок од ,,Центар 213″ кои досега настапиле на повеќе домашни и странски сцени во Словенија, Хрватска, Босна и други танго сцени.