Од август турскиот авиопревозник „Пегасус ерлајнс“ планира да ги зголеми фреквенциите меѓу аеродромот „Сабиха Гокчен“ во Истанбул и Скопје на десет лета неделно.

Тоа претставува зголемување на првично планираните осум неделни ротации, како и минатогодишните осум неделни летови. Операциите првично ќе пораснат на девет неделно од 1 јули, а ќе се зголемат на десет неделно од 5 август, објави сајтот Екс Ју авиејшн.

Како резултат на тоа, буџетската авиокомпанија ќе се пофали со вкупно 19 неделни услуги до Скопје, од кои десет неделни летови од Истанбул придружени со четири неделни ротации од Измир и пет неделно од Анталија.

Од 2 јуни, па се до крајот на октомври, авиопревозникот „АЏет“ почна со секојдневни летови на релација Скопје–Анталија –Скопје, а од 3 јуни, секој понеделник (недела) и секој четврток (среда) лета од Меѓународниот аеродром Скопје до турскиот туристички град Бодрум.

Од 1 јуни требаше да стартува со летови грчката авиокомпанија „Ејџијан“ на релација Атина-Скопје-Крф-Скопје-Атина, но од превозникот претходно ја запреа продажбата на билети бидејќи најавија дека нема да летаат на најавената линија. Во ревидираниот распоред на „Ејџијан ерлајнс“ од 4 јуни има намалување на сообраќајот меѓу Скопје и Атина на пет лета неделно.

И хрватскиот авиопревозник „Кроација ерлајнс“ намалува летови од Загреб до Скопје. Но, кратењето на 12 неделни линии не е само до Скопје, туку и до други дестинации, а од компанијата објаснуваат дека тоа се случува поради недостиг на флота.

Екс „Ју авиејшн“ објави и дека од ноември годинава Скопје ќе остане без директен лет до Женева. Нискобуџетната авиокомпанија „Изи џет“ го закажала својот последен лет за 1 ноември, продажбата на билетите е запрена и е нејасно дали ќе го врати летот во текот на следното лето. „Изи џет“ е единствената авиокомпанија која лета од Скопје до Женева. Со летовите стартуваше во ноември 2021 година.

Кратење на летовите најавија и од унгарска нискобуџетска компанија „Виз ер“. Од 27 октомври (со зимскиот ред на летање), авиокомпанијата ги намалува летовите од Скопје до Шарлроа и Ајндховен од пет неделно на четири, до Берлин од пет на три, до Келн, Милано и Хамбург од четири на три, до Хан и Болоња од три на два и до Малта од четири на три неделно.

Од друга страна, пак, авиокомпанијата одлучи да го зголеми бројот на летови за три дестинации. Летовите кон Нирнберг ќе се зголемат од два на три неделно, до Малме од три на пет неделно, а до Лондон Лутон од три на четири неделно.

Во летната сезона од Скопскиот аеродром ќе се патува до Рига како нова дестинација. Националниот превозник на Латвија „Ер Балтик“, двапати неделно ќе лета на линијата Скопје до Рига за време на летната сезона, се до 30 септември.

Покрај сезонски и чартер летови до Анталија, Бодрум, од скопскиот аеродром се најавени и летови до Хургада, Енфида, Џерба и Монастир. До Охридскиот аеродром, пак, се најавени чартер летови од Катовице, Варшава, Амстердам и Манчестер.

Може да се забележи дека евидентно е зголемен бројот на дестинации и на фреквенции на скопскиот аеродром, додека на охридскиот бројот е сличен како и минатата година.

Имајќи го предвид бројот на најавените операции на воздухоплови во летната сезона 2024, може да се забележи извесно зголемување на физичкиот обем на сообраќај на македонските аеродроми, во споредба со истиот период минатата година.

Тоа го кажуваат и бројките. Во првите четири месеци од годинава (јануари – април) ТАВ Македонија, на двата македонски аеродроми, меѓународниот аеродром „Скопје“ и аеродромот „Св. Апостол Павле – Охрид“ опслужи 893.993 патници и 7.343 летови. Бројот на опслужени патници во овој период ги надмина бројките од 2023 година за 19%, додека бројот на летови е за 22% повисок за периодот јануари – април во 2023 година. 

(С.Бл.)