Седум кандидати, секој од нив со различна програма, но со иста цел – да се биде претседател на Македонија. На неколку недели до официјалниот старт на изборната кампања сите седум кандидати, кои собраа потписи, се убедени дека ќе влезат во вториот круг и дека ќе победат. Според аналитичарите но и досегашните анкети, најголеми шанси за Вила Водно засега имаат кандидатот на СДСМ и актуелен претседател Стево Пендаровски и кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова. Силјановска, само за потсетување во 2019, кога реално влета во политика во вториот  круг освои неверојатни 377.000 гласа , а кандидатот на СДСМ, Стево Пендаровски, тогаш – победи со само 58.000 гласа повеќе од неа или доби вкупно 430.000 гласови.  Но, како што велат политичките аналитичари, изненадувањата во политиката се секогаш можни, иако малку веројатни. Рекордот по број на освоени гласови во една претседателска трка го држи првиот претседател  Киро Глигоров.

 

Седум кандидати, секој од нив со различна програма, но со иста цел – да се биде претседател на Македонија. На неколку недели до официјалниот старт на изборната кампања сите седум кандидати, кои собраа потписи, се убедени дека ќе влезат во вториот круг и дека ќе победат. Учесниците на изборите, листите со кандидати за претседател на државата треба да ги достават до ДИК најдоцна до 19 март, на полноќ. Во претседателска трка силите на гласањето на 24 април ( прв круг) ќе ги одмерат  Стево Пендаровски, Гордана Силјановска Давкова ,Бујар Османи , Арбен Таравари ,Стевчо Јакимовски, Максим Димитриевски  и Билјана Ванковска Цветковска.
Според аналитичарите но и досегашните анкети, најголеми шанси за вила Водно засега имаат кандидатот на СДСМ и актуелен претседател Стево Пендаровски и кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова. Силјановска, само за потсетување во 2019, кога реално влета во политика во вториот  круг освои неверојатни 377.000 гласа , а кандидатот на СДСМ, Стево Пендаровски, тогаш – победи со само 58.000 гласа повеќе од неа или доби вкупно 430.000 гласови.

Но, како што велат политичките аналитичари, изненадувањата во политиката се секогаш можни, иако малку веројатни. Освен да освојат што повеќе гласови на своето конто, сите заедно имаат уште една цел да мобилизираат 40 проценти од избирачите со право на глас, што е услов изборите да успеат. Во 1994-та на првите претседателски избори, гласаа рекордни 77 проценти од избирачите. Пет години подоцна излегоа 69 отсто гласачи. Кога на предвремените претседателски избори во 2004 гласаа само 53 проценти, беше јасно дека изборниот праг мора да се спушти. Во 2009 година, тој веќе беше 40 отсто и тоа се потврди како исправно. Пет години подоцна, тогашната власт, со претседателските одржа и парламентарни избори и така успеа да го мобилизира гласачкото тело, чиј процент на излезност изнесуваше 54 отсто. Но, последната изборна трка во 2019-тата, кога излегоа малку над 46 проценти, ги натера политичарите да размислуваат за повторно намалување на изборниот праг.

Рекордот по број на освоени гласови во една претседателска трка го држи првиот претседател  Киро Глигоров. За него гласаа 715 087 избирачи и не му требаше втор круг, за да го победи Љубиша Георгивски, чиј резултат од освоени 197 109 гласови таа 94-та година во исто време е најслабиот во историјата на претседателските избори кај нас. Таа трка е и единствената досега, решена само во еден круг.

Вкупно девет Албанци биле во трка за шеф на државата. Во 2009-тата Имер Селмани како кандидат на  Нова демократија освои 147 547 гласови и е првиот кандидат Албанец за кого гласаа и Македонците. Тогаш, тој успеа убедливо да ги победи кандидатите и на ДУИ и на ДПА. На изборите 2024 во трка за претседател се двајца кандидати албанци- Арбен Таравари и Бујар Османи. Таравари, актуелен градоначалник на Гостивар  е убеден дека ќе влезе во втор круг: „Ќе видиме против кого, Силјановска води на анкетите, ама не се знае…“ Јас очекувам да влезам во вториот круг, а кој уште ќе биде со мене, тоа не го знам, рече Таравари, кандидат за претседател на ВРЕДИ, односно здружената албанска опозиција, на прашањето што очекува од претседателските избори.

Тој вели дека во вториот круг би сакал да се соочи со кандидатот за претседател од новоформираната партија ЗНАМ, Максим Димитриевски. -По анкетите изгледа дека госпоѓата Силјановска води, но повторно не се знае, кампања си е кампања, изјави Таравари и додаде дека би сакал Димитриевски да влезе во втор круг.

И Максим Димитриевски, е убеден дека ќе влезе во вториот круг и се надева на победа, за како што вели да ги исправи сите грешки и неправилности. Порачува дека досегашниот претседател Пендаровски, не направил ништо сериозно, освен што не го потпиша указот за измените на Законот за игри на среќа, кој го форсираше ДУИ во Собранието.

„Единственото нешто што се обиде да прикаже дека сака да направи нешто нашиот претседател е со овој закон и сериозно му се замери од страна на ДУИ. Сето тоа и и е јасно на јавноста. Инаку претходно да постапуваше Пендаровски, така како што треба и во делот на казнениот закон и во делот на Францускиот предлог, тој денес ќе ја имаше мојата поддршка, како што некогаш ја имаше, а не денеска да има пред себе еден друг сериозен против кандидат“, вели Димитриевски.

Освен Таравари, од албанскиот политички блок, на претседателски избори силите ќе ги измери и актуелниот министер за надворешни работи од ДУИ, Бујар Османи, кого Демократска унија за интеграција го промовираше и официјално во саботата вечерта. Клучните пораки на Османи беа во насока на европската иднина на државата и партиските заложби за прв претседател Албанец.

Мотото на неговата кампања е „Дојде време за првиот претседател Албанец„. И тој очекува влез во вториот круг.  -Исполнет сум со длабоко чувство на одговорност и посветеност, следејќи ја предвидливата визија. Ниту една политичка функција во оваа држава не е невозможна за нас, Албанците! Докажавме дека можеме да имаме успешен претседател на Собранието, успешен премиер, сега на нас, нашата генерација е да докажеме дека можеме да имаме и успешен претседател на Републиката, изјави Османи.

На конвенцијата се обрати и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кој порача:

-Ние 23 години не сме изгубиле никогаш. Математички или практично нас не поддржуваат и во најтешките моменти. Сме инвестирале во капацитетите и во кадрите за подобро утре и така ќе продолжиме. Со нас не е лесно да се мерите. Тука сме сите ние што отвораме нови хоризонти. Ние сме стабилност и мир и добра европска иднина, рече Ахмети.

Првиот круг избори на 24 април ќе покаже дали Пендаровски ќе биде вториот, по Ѓорѓе Иванов, кој успеал да победи на два последнователни избори циклуси или земјава ќе добие прва жена за претседател. Или можеби ќе се случи изненадување …

 

 Партијата за движење на Турците го поддржа Пендаровски

Партијата за движење на Турците – ТХП на Централното собрание едноглсно го поддржа претседателскиот кандидат на СДСМ и актуелен претседател, Стево Пендаровски.

-Сметаме дека во изминативе пет години Пендаровски со својата чесност, транспарентност и посветеност успеа да го врати разнишаниот интегритет на институцијата Претседател. За време на целиот мандат на Пендаровски имавме одлична комуникација и соработка за подобрување на положбата на турската заедница како и за политиките кои беа во интерес на државата, односно патот кон стратешките цели. Веруваме дека соработката ќе продолжи со поголема динамика и во вториот мандат на Пендаровски, соопшти партијата.

 

 

Анкета: Силјановска Давкова со 3,2% предност пред Пендаровски

Според анкетата спроведена од Центарот за политички Истражувања и Комуникации (CRPC), во соработка со Здружението за новинарство, информирање, комуникации и маркетинг услуги „Глас на вистината”, најголем број на испитаници се изјасниле дека на претстојните претседателски и парламентарни избори, би гласале за ВМРО-ДПМНЕ и за Гордана Силјановска Давкова.

На прашање „За која политичка партија или коалиција би гласале на Парламентарните Избори на 8 Мај?“:

– За ВМРО-ДПМНЕ се изјасниле 20%, за СДСМ 12,2%, за ДУИ 5,9%, а за Коалицијата „ВРЕДИ“ 6,9% од испитаниците, додека поддршка за Левица дале 2,8%.

На прашање „За кој од Претседателските кандидати би гласале на Претседателските Избори на 24 Април?“:

– За Гордана Силјановска Давкова се изјасниле 18,2%, додека за Стево Пендатовски поддршка дале 15% од испитаниците. Арбен Таравари собрал 7,3% доверба, а за Бујар Османи се изјасниле 4,9%. Максим Димитриевски добил 2,6% доберба, а Билјана Ванковска 2,2%.

Анкетата е спроведена телефонски во периодот од 4 до 7 март 2024 година, со 1.085 испитаници избрани според случаен метод.