ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, Зоран Крстевски: ПРЕЗЕМАЊЕ ОДГОВОРНОСТ

1498

Најголемите проблеми доаѓаат од стравот и од зависноста. Кога ќе почнеме поретко да се плашиме и помалку да зависиме од другите, ќе бидеме добро. Мирот со себе ќе го постигнеме ако престанеме опсесивно да се врзуваме за луѓето, предметите и за ситуациите од минатото, бидејќи сè е минливо и менливо. Само промената е трајна и поврзана со законитоста на животот: што и да биде, ќе помине.

Духовен мир ќе постигнеме ако го насочиме фокусот кон сопствените вредности, бидеме трпеливи, толерантни и имаме сочувство за себеси.

Христијанските монаси (исихасти) ја барале божествената благодат на внатрешната хармонизираност преку тихувањето и светлината на духовното просветлување. Работењето на личната надградба, усовршувањето на знаењето, екологијата на духот и позитивниот пристап кон животот се основни да направиме нешто добро за сопствената душа и за заедницата во која живееме.

Најбитно современо прашање за човекот е прашањето на неговата одговорност за општеството во кое опстојува и со какви вредносни категории ја креира својата егзистенција. Ангажманот за воспоставување на афирмативните начела на чесно, квалитетно, посветено, разумно и одговорно живеење треба да биде главниот приоритет што ќе нè придвижи напред – кон хармонијата на сопственото постоење.

Поттикнувањето на индивидуалноста и придонесот за колективните вредности се суштински определби на секој доблестен, самосвесен и хумано насочен поединец. За да бидеме во мир со себеси, неретко не ни се потребни другите, но за да ја оствариме целината на животот, неопходно е да изградиме стабилни социјални врски со блиските.

Во определбата да се хармонизираме и да создадеме позитивни меѓучовечки односи, мошне значајно е да ги елиминираме несигурноста, стравот и зависноста од влијанието на другите луѓе.

Кога сме опсесивно врзани за блиските, многу лесно може да почувствуваме страв и несигурност доколку сфатиме дека не се одвиваат нештата како што сме посакувале. Стравот од отфрлање или напуштање може емоционално да ја дисхармонизира нашата личност и да нè направи тотално зависни од другите. Градењето на индивидуалноста, независноста, силниот дух, самодовербата, оптимизмот и вербата дека постои решение за проблемите се силна брана пред надворешните фактори, кои може да нè изместат на психофизички план.

Среќата и мирот со себе не се плод на судбината, туку на посветеното и упорно работење за подигнување на сопствените вредности и за елиминирање на негативните околности. Најдоброто нешто што може да го направиме за себеси е да го јакнеме духот врз начелата на самостојноста, решителноста, независноста и убеденоста дека „што и да биде надвор од мене, најклучно е што се случува внатре во мене”.

Мирот со себе е најскапоцената вредност кон која се стреми секој духовно освестен и афирмативно ориентиран поединец.

Воопшто не е лесно да биде постигната оваа благодат во денешното брзо темпо на живеење, бидејќи неретко туѓите фрустрираност, неморалност, негативност или желба за наметнување и доминирање може да нè оддалечат од патот што води кон мирот и хармонијата на сопственото постоење. За да не се случи тоа, клучни се селективноста, аналитичноста, преиспитувањето и фокусираноста кон сé што ја развива личноста, наспроти опстојувањето во односи што ја деградираат, оптоваруваат и ја исцрпуваат емоционалната структура на нашето битие.

Покрај фокусот кон себе, неопходно е да постои и интерес за напредокот на заедницата, да ѝ се биде верен на должноста, да се придонесува за другите и да преовладува стремежот за правилно и одговорно постапување.

Во духот на кинеската мудрост што вели: „Суштината не е на другите луѓе да им ја подариме рибата, туку да ги научиме самите да ја ловат”, позитивно ќе постапиме ако ги поттикнуваме блиските да преземат одговорност за својот живот, да го зајакнат духот и да бидат независни креатори на сопствените вредности. Никогаш не треба да се откажуваме од определбата да им помагаме на другите, но не смееме  да ги правиме тотално зависни од нашето влијание, зашто суштината на животот е во автономното креирање на сопствените цели и визии.

Секој човек, врз основа на своите свест, совест, навики, духовни капацитети и морални определби, ја утврдува патеката на дејствувањето.

Постојат поединци што поседуваат високо развиена свест и совест и со своите постапки креираат вредност, одговорност и посветеност кон позитивните начела на животот. За жал, има и луѓе што не чувствуваат срам, грижа на совест или непријатност поради непрофесионалното извршување на должноста, поради коруптивноста, лажењето, крадењето и константното предавање на сладострасните и гревовни активности. Лошо е кога заземаат таквите поединци видни општествени функции и наместо да ја оправдаат довербата и позитивно да ја извршуваат должноста, ги деградираат моралот, чувството за општо добро и хуманата димензија на човековото постоење.

Многумина ја префрлаат вината за своите неморални постапки врз другите, барајќи оправдување за лагите, манипулациите, нечесноста и за неодговорноста. Проекцијата дека другите се виновни за сé, нема да ги амнестира од одговорност, туку ги предочува нивната површност и ниското ниво на свест за препознавање на суштинските вредности.

Ако не сакаме да се соочиме со „сенката” на личноста, неопходно е да бидеме самокритични и свесни за вистинскиот карактерен профил на нашето битие. Сè додека не постои интерес за себесогледба и самокритика, механизмот на проекција ќе биде доминантен и ќе стане дел од нашето секојдневно искуство. Тогаш, во надворешните фактори ќе ја бараме вината за сé што ни се случува во животот.

Лично сме одговорни за сопствените емоции и за многу нешта во нашето живеење.

Кога обвинуваме и критикуваме, ние ја пренесуваме одговорноста врз некој друг и шириме негативна енергија во своето опкружување. Од друга страна, кога непотребно се потценуваме, живееме со грижа на совеста и со чувство на вина и кога се потиснуваме и се ставаме на последното место, тогаш поседуваме многу ниско ниво на самопочитување.

За да ги спречиме овие ситуации, неопходно е постојано да вложуваме во духовноста, да ја подигаме самовредноста и да иницираме однесување според начелата на чистиот образ, одговорноста и совеста.

Мудро ќе постапиме ако престанеме да се доживуваме како жртва на социјалната средина, судбината, семејството, општествените фактори или на другите луѓе и ако ја преземеме одговорноста за нашиот живот и се обидеме да го извлечеме најдоброто од нас. Тоа подразбира да не ги обвинуваме другите за нештата што ги немаме, за сé што правиме или за тоа што го чувствуваме. Ние одлучуваме кон кого ќе се насочиме, како ќе се чувствуваме и што треба да направиме за да го добиеме она што го заслужуваме.

Лично сме одговорни за лошите искуства и за погрешните постапки.

Префрлањето на вината врз другите е знак за духовна незрелост и за ниско ниво на самокритичност. Поразително е да немаме власт врз сопствените емоции, мисли или акции. Од друга страна, не е добро доколку се обвинуваме исклучиво себеси за сé што ни се случува, сметајќи дека сме „жртва” што не заслужува ништо подобро.

Треба да го правиме најдоброто што го можеме и да прифатиме дека понекогаш нештата не се одвиваат како што сме замислиле.

Кога ја преземаме одговорноста за тоа што сме, тогаш стануваме свесни за сопствените цели, многу повеќе придонесуваме за напредокот и правилно се поставуваме кон животните предизвици.

Заклучокот е дека префрлањето на одговорноста врз надворешните фактори е показател дека се плашиме да проникнеме во себеси и дека не умееме да се справиме со ситуацијата во која се наоѓаме. Колку побрзо се соочиме со нашите стравови и станеме свесни за сопствените погрешни одлуки толку побрзо ќе се извлечеме од илузиите и ќе тргнеме по патот што води кон мирот со себе и позитивната интеракција со сродните луѓе.

(авторот е проф. д-р по филозофски науки и универзитетски професор)