Почина режисерот кој 30 дена јадеше само храна од Мекдоналдс и сними филм за тоа

2564
Фото: screenshot

Почина Морган Сперлок, режисер, поранешен водител на CNN и автор на документарниот филм „Super Size Me“ номиниран за Оскар за Мекдоналдс.

Педесет и двегодишниот Сперлок почина во Њујорк, опкружен со семејството и пријателите, се вели во соопштението на семејството. Сперлок почина по битка со ракот, пренесува Индекс.

Режисерската кариера на Сперлок беше доста разновидна. Сепак, тој беше најпознат по Super Size Me, што во 2004 година предизвика дебата за односот на Америка со брзата храна. За потребите на филмот, тој 30 дена јадеше само храна од Мекдоналдс за да се приближи што е можно повеќе на навиките во исхраната на просечниот Американец. Тврдел дека во тој период се здебелил 15 килограми и дека страдал од депресија.

Тој, исто така, сними сатиричен документарец за потрагата по Осама бин Ладен, режираше концертен филм на групата One Direction и сними филм за Хомер Симпсон и бејзболот. Неколку години беше водител на серијата на Си-Ен-Ен, Morgan Spurlock Inside Man.

Во 2017 година тој призна дека сексуално вознемирувал жени.

Како што рече тогаш, сакал да биде искрен за своето минато, па наместо да чека некој да го обвини, решил да зборува за своето неприфатливо однесување во минатото. Тој на својот блог напиша дека бил дел од проблемот.

„Додека седам и гледам како паѓаат херој по херој, човек по човек поради тоа како се однесувале во минатото, не се прашувам кој е следниот, туку кога ќе дојдат по мене“, напиша тој.