Пет питбули и кангал се чуваат на диво за расплод и за борби

4573

Кучињата се чувани на диво на јавен простор кај Музејот на современа уметност. Тие се лоцирани од Здружението за заштита на животните „Анима мунди“ од каде велат дека кучињата биле во полна сила и мирни со луѓе, а едно било со тегови околу врат. Од „Анима мунди“ посочуваат дека ниту едно од женките не било стерилизирано, што укажува дека се користат за расплод.- Ниту сто „Лајки“ не можат да ја намалат бројката на бездомни животни, доколку секој еден поединец може во секакви услови да размножува куче, може да го продава, може да го мачи и кога ќе му текне може да го исфрли на улица и притоа да не одговара, посочуваат од Здружението „Анима мунди“

Пет женки питбули и еден мажјак кангал се чувани на диво на јавен простор кај Музејот на современа уметност. Тие се лоцирани од Здружението за заштита на животните „Анима мунди“ од каде што велат дека кучињата биле во полна сила и мирни со луѓе, а едно било со тегови околу врат.

Од „Анима мунди“ посочуваат дека ниту едно од женките не било стерилизирано, што укажува дека се користат за расплод. Иако биле заловени од екипа на ЈП „Лајка“, од каде што било настојувано да се стерилизираат, а биле повикани  инспектори од Агенцијата за храна и ветеринарство и од МВР, сепак, како што велат од „Анима мунди“, на крај со амин на наведените институции, кучињата  нестерилизирани биле пуштени од стационарот, а сопствениците поминале со глоба од околу 200 евра.

– Прогресијата на само една женка и нејзините легла, за пет години може да достигне и до 60.000 кучиња. Во овој случај, тоа се пет женки од раси на кои ништо добро не им се пишува, без евиденција каде и за што ќе завршат, но со најава за црна прогноза – реагираат од „Анима мунди“.

Оттаму велат дека институциите не препознале елементи на предизвикување јавна опасност, ниту пак индиции за постоење дива одгледувачница за животни чиј пород потоа, како што велат, завршува кој знае каде, но најчесто за учество во борби до смрт.

Од Здружението сметаат дека кај нас многу се доцни со регулирањето на одговорното сопствеништво, трговијата со животни, препознавањето и казнувањето на насилството врз животните.

– Ниту сто „Лајки“ не можат да ја намалат бројката на бездомни животни, доколку секој еден поединец може во секакви услови да размножува куче, може да го продава, може да го мачи и кога ќе му текне може да го исфрли на улица и при тоа да не одговара – потенцираат од „Анима мунди“.

Само во ЈП „Лајка“ има повеќе од четириесетина кучиња од раси кои ако се несоодветно чувани можат да бидат опасни, а повеќето се најдени на улица.

– И така ќе биде затоа што нема никакви контроли – потенцираат од „Анима мунди“.

Бараат од новата Влада да внимава при назначувањето на министер за внатрешни работи, како и директор на Агенцијата за храна и ветеринарство.

– Тоа треба да бидат луѓе кои се стручни, амбициозни и отворени за итни и неодложни измени на Законот за заштита и благосостојба на животните и Кривичниот закон – велат од ова Здружение.

Исто така, бараат во најкус рок да се донесе измена на Законот за заштита на животните по предлог на нивните решенија и на сите останати здруженија кои со години најревносно се бават со оваа проблематика.

Инаку, од „Анима мунди“ информираат дека за одгледување на вакви кучиња кои се лоцирани кај Музејот на современа уметност во ЕУ постои трајна забрана, или пак строго дефинирани правила и безбедносни предуслови за нивно чување и шетање и задолжителна стерилизација.

(А.П.)