НАЈМОДЕРНАТА ИЗМАМА: Браќа украле 25 милиони долари за само 12 секунди

413

Браќата Антон Пераире Буено (24) и Џејмс Пераире Буено (28) од САД успеале да украдат криптовалути во вредност од 25 милиони долари за само 12 секунди, но сепак биле фатени.

И двајцата студирале на престижниот Технолошки институт во Масачусетс (МИТ) со одлични резултати, но го искористиле знаењето што го поседувале за да ја спроведат, како што велат федералните обвинители во Менхетен, најмодерната измама.

Елаборираниот грабеж го извршиле во 2023 година добивајќи пристап до трансакции кои биле во процес на имплементација, а потоа би ги смениле движењата за криптовалутите да завршат во нивни раце, пренесува CNN.

„Шемата што ја спроведоа го доведува во прашање интегритетот на блокчејнот“, рече јавниот обвинител Демијан Вилијамс, со што ефикасно потврди дека технологијата не е толку непробојна како што се тврди во технолошките кругови.

Обвинението ги товари за заговор за извршување на електронска измама и заговор за здружување за перење пари. Антон бил уапсен во Бостон, додека Џејмс во Њујорк.

Според обвинителите, на студиите по компјутерски науки и математика ги развиле вештините на кои се потпирале за да ја извршат измамата.

Во обвинението се наведува дека тие планирале со месеци да манипулираат и да го променат протоколот што се користи за проверка на трансакциите за вклучување во блокчејнот Ethereum – базата на податоци што ја евидентира секоја трансакција со криптовалути.