На повидок постизборна коалиција меѓу ВМРО-ДПМНЕ, Левица и ЗНАМ?!

Објавата на најголемата опозициска партија дека во кампањата става мораториум на сите напади кон ЗНАМ и Левица, во јавноста го отвори прашањето - дали на повидок е постизборна коалиција на ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и Левица, но и дилеми дали албанските партии со оваа евентуална коалиција ќе останат без можност да уценуваат за состав на новата Влада. Политичкиот аналитичар Владимир Божиновски, за весникот ВЕЧЕР, изјави дека објавата за мораториум за нападите не значи дека на повидок е коалиција меѓу трите македонски партии. Смета дека повикот на Мицкоски е упатен до сите опозициски партии и се однесува на тоа политичката енергија да ја насочат кон уривање на власта и додава дека иако е уште рано, не се исклучени и такви политички опции

177

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, објави мораториум и запирање на сите напади кон партиите, Левица и ЗНАМ во текот на изборната кампања и повика на создавање на национално единство. Лидерот на најголемата опозициска партија во земјава, изјави дека никогаш како сега не било важно да се случи обединување и да се фокусираат кон оние што ја киднапирале државата од граѓаните, алудирајќи на актуелната власт на СДСМ и ДУИ.

„Мојата прва иницијатива за обезбедување на македонско национално единство ќе ја започнам со тоа што сакам да обзнанам мораториум во нападите кон партиите Левица и ЗНАМ. Ова го чувствувам како потреба на македонскиот народ, но и како моја обврска да се обидам да ја реализирам идејата за национално единство во моменти кога таа ѝ е најпотребна на Македонија“, изјави Мицкоски.

Иако ВМРО-ДПМНЕ има свои разлики по повеќе прашања и од идеолошка, но и од принципиелна природа, со двете партии, Мицкоски смета дека во моментов друго работи се поприоритетни.

„Ценам дека во моментов најклучно за иднината на земјата е да се фокусираме на оние кои ја киднапираа Македонија од рацете на граѓаните. Разидувањата сигурно ќе продолжат, но мора да наоѓаме заеднички јазик без разлика на лични и партиски суети и интереси. Од нив не очекувам да го направат истото. Дури можеби и ќе ме нападнат за овој гест, можеби некои оправдано ќе кажат дека е задоцнет, но и покрај тоа, како и да се однесуваат споменатите партии, ние како партија ќе опстоиме на нашиот збор“, порача Мицкоски.

На понудата, претседателскиот кандидат на ЗНАМ и актуелен градоначалник на Куманово Максим Димитриевски одговори дека е „можно е национално единство“ и потенцираше дека  импонира тоа што не само во овој случај, туку во голем број случаи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ ги копира во некои постапки.

-Излеговме како партија и рековме дека нема да преговараме со никој додека не се понуди една национална платформа. Не можете да постигнете поголем ефект во имплементација на мултиетничко движење ако немате национално единство. Тоа може да се стори. Без ЗНАМ нема идна влада. Ние не напаѓаме, ние само конструктивно дискутираме“ – изјави Димитриевски. Истакна дека ЗНАМ е нова политичка партија која е конструктивна опозиција во однос на централната власт.

Лидерот, пак, на Левица – Димитар Апасиев на Фејсбук порача: „Не верувај им на дмпнејците, дури и кога ти носат подароци. Термометарот на жестокоста во критиката не смее да се спушти ниту за степен!“.

Објавата на  најголемата опозициска партија дека нема да има остри зборови за ЗНАМ и за Левица во кампањата, во јавноста ги отвори прашањето дали на повидок е постизборна коалиција на ВМРО -ДПМНЕ со ЗНАМ и Левица како и дилеми дали албанските партии со оваа евентуална коалиција ќе останат без можност да уценуваат за состав на новата Влада.

Политичкиот аналитичар Владимир Божиновски за весникот ВЕЧЕР изјави дека објавата за мораторум за нападите не значи дека на повидок е коалиција меѓу трите македонски партии. Смета дека повикот на Мицкоски е упатен до сите опозициски партии и се однесува на тоа политичката енергија да ја насочат кон уривање на власта.

-Не. Тоа не значи дека ќе се прави коалиција туку дека политичкиот противник се СДСМ и ДУИ, односно владата и дека во принцип целата таа енергија и кампања треба да се насочи кон нив, а не помеѓу себе зашто сите сакаат да ја сменат оваа власт и Ливица и ЗНАМ и ВМРО-ДПМНЕ и албанските опозициски партии кои се обединети во коалицијата Вреди и во тоа е поентата. Познато е дека партите велат дека оваа власт треба да си замине и за тоа се согласуваат и тоа ги обединува и затоа не треба да се напаѓаат меѓу себе затоа што тоа им штети на нив. Ако се напаѓаат тоа може да ѝ користи само на власта, а тие се борат оваа власт да падне. Тоа ќе им помогне на опозициските партии во самата кампања, вели Божиновски.

Што се однесува на евентуални постизборни коалиции со ЗНАМ или со Левица, Божиновски вели дека сè уште е рано да се дискутира на таа тема, но и дека не се исклучени и такви политички опции.

-Може да се случи. Не може да се дискутира сè уште, но може да се случи. Проблемот кај Левица е дека има одредени работи дека се против НАТО и имаат малку поекстремни ставови. Сега се ќе зависи од ставовите или дали ќе може да се договорат за поддршка за одредени прашања, ќе видиме понатаму… Што се однесува на Коалиција со ЗНАМ и тоа е можно, вели Божиновски.

Инаку според ставовите, Левица е критична кон сите политички субјекти и кон владејачките партии, и кон ВМРО-ДПМНЕ, додека претседателот на ЗНАМ и претседателски кандидат Максим Димитриевски, веќе категорично кажува дека постизборно исклучува каква било соработка со актуелно раководство на СДСМ Заеднички за Димитриевски од ЗНАМ и ВМРО-ДПМНЕ е дека не велат НЕ за Уставни измени, но за тоа имаат одредени услови.

Што се однесува на албанскиот блок, Мицковски неколку пати изјави дека посакуван партнер му е коалицијата Вреди, но повратен одговор од лидерот Арбен Таравари сè уште нема.

Политичкиот аналитичар Петар Арсовски за весникот ВЕЧЕР изјави дека оваа атмосфера на неизвесност и конфронтација се прави од тактички причини.

-Антагонизам им одговара и на македонските и на албанските партии. Инаку, ВМРО-ДПМНЕ и Вреди имаат некомпатибилни наративи и за начинот на избор на претседател и додека едните бараат да се избира во Собрание другите велат дека нема шанси за тоа, но тоа е тактика пред гласачите, а разликите ќе ги испеглаат по избори, вели Арсовски.

Смета дека освен со Вреди, ВМРО-ДПМНЕ ќе се обидат да направат постизборна коалиција во која би влегле и други партии за да имаат политичка стабилност.

-Мислам дек првичен партнер би им биле ЗНАМ. Рекоа дека со Левица не би сакале да коалицираат, дали ќе преговараат со ДУИ, и тоа е можно, но би било во крајна нужда со оглед дека реториката на ДУИ е дека нема да коалицираат со партија која не прифаќа уставни измени.

Инаку, Мицкоски излегува со став дека никогаш не вели никогаш кога станува збор за политиката и коалициите, но нагласува дека целта им е ДУИ да ги испратат во политичка пензија.

(М.С.)