Култниот хотел „Бристол“, кој е еден од најстарите хотелско-угостителски објекти во главниот град, обележје на центарот на Скопје, е затворен веќе единаесет ипол години.
Од 1924 година, кога е изграден од браќата Атанас и Ташко Караџа, тогаш познати скопски трговци, објектот сместен во непосредна близина на старата Железничка станица, а денес Музеј на Град Скопје, и по неколку реновирања ја задржа убавината и им пркоси на трите згради спроти „Бристол“, изградени изминативе години во барок стил.
Во објектот којзнае од кога не стапнала човечка нога. На стаклата на влезната врата се нафатил дебел слој прашина и тешко може да се распознае што има внатре ако некој намерник сака да фрли поглед. Ама затоа, пак, стаклата се исшарани со спреј и некој ги искористил како подлога тука да залепи плакати за театарската претстава „Среќен мртовец“, што пластично ја отсликува состојбата во која се наоѓа објектот и случајно или не, веднаш под таблата на една од најрепрезентативните улици во градот, улицата „Македонија“.
Низ годините зградата менувала сопственици, била национализирана од државата итн. Една е од ретките згради што го има преживеано скопскиот земјотрес во 1963 година во Скопје. По 90 години постоење, на 9 ноември 2012 година, најстариот хотел во Скопје, „Бристол“, беше затворен.
Со напуштениот хотел стопанисува „Македонија турист“ АД Скопје. Оттаму пред некоја година најавија дека ќе го имаат во плановите за обнова, но до денешен ден таму ништо не се случува за да го вратат во живот.
Хотелот „Бристол“ беше надалеку познат по својот ресторан, во кој се јаделе најубавите чорби, пред неа летната бавча и стариот разгранет орев кој фрла дебела сенка на околината. Всушност, оревот е засаден како плод на една љубовна врска што се случила во хотелот. Нашиот познат писател Петре Бакевски ја раскажува приказната за засадувањето на оревот и страсната љубовна врска меѓу двајца млади во својот роман „Црно јагне, див Балкан“.
Имено, хотелот свечено бил отворен пред 96 години, на 24 април 1924, и важел за еден од најугледните и најмодерно опремени хотели. По формирањето на првиот Ротари клуб од Скопјем, во 1931 година, во хотелот „Бристол“ редовно се состанувале членовите на овој клуб. Од колено на колено се раскажувала приказната дека познатата англиска писателка и патописец, Сисилија Изабел Ендрус, позната под псевдонимот Ребека Вест, престојувала во хотелот во периодот помеѓу двете војни.
Со нејзиното име се поврзува една приказна од 1936 година за големата љубов помеѓу неа и нејзиниот придружник Станислав Винавер, новинар, познат под псевдонимот Константин. Сесилија посакала нивната љубов да ја овековечи со тоа што во бавчата на хотелот ќе засади орев, како силно и долговечно дрво како и нивната љубов.
Се проценува дека во светот има околу 200 градови што имаат хотели со име „Бристол“. Овие хотели опстојуваат самостојно, не се дел од ланец на хотели. Најпознати се оние во Виена и во Париз, кој е всушност првиот хотел со ова име, основан 1816 година. Постојат две теории за потеклото на името на овие хотели.
Првата се врзува за истоимениот британски град Бристол, кој е осми по големина град во Англија, а единаесетти во целото Обединето Кралство. Втората теорија е поврзана за лордот од „Бристол“, подоцнежниот бискуп Фредерик Хервеј. Се вели дека Хервеј уживал во патувањата, а бил познат и како човек со репутација за препораки на добри места за престој. Тие набргу биле наречени „хотелите на лордот „Бристол“, а името бргу се проширило низ цела Европа.
(С.Бл.)