Советот на Општина Центар го усвои предлогот на градоначалникот Горан Герасимовски за користење на училишната спортска сала во ООУ „Коле Неделковски” за потребите на младите кошаркари на КК Работнички, без надоместок, додека не биде реновирана салата во Градскиот парк.

– Ова не е одлука за првиот тим на Работнички, туку за младинскиот клуб на КК Работнички, бидејќи во моментот кога ќе почне да се реновира салата, тие ќе немаат простор за тренинзи. Знаеме каква е финансиската ситуација на младинскиот тим. Функционира и од спортскиот ваучер што го доделува Владата, кој, за жал, доцни. И поради тие причини и поради тоа што тимот е сопственост на Општината, ние мораме да се грижиме за клубот и за младинците што тренираат и играат таму. Затоа мислам дека барањето е издржано и очекувам советниците да се согласат – вели Герасимовски.

Одлуката беше донесена откако КК Работнички -Скопје побара од Општината, како акционер, да добие тренинг-термини во основните училишта за својот младински тим, поради реновирање на салата.

– Како наш единствен акционер, сопственик и воедно сопственик на основните училишта во Општината, ве замолуваме да ни дозволите нашите младинци да тренираат во една од салите на школите што се во ваша надлежност – се наведува во дописот на КК Работнички – Скопје испратен до Општина Центар.