Дијаспората прва ќе даде глас за претседател на Македонија

Утре ден пред изборите гласаат иселениците,затворениците, болните...ДИК подготвена за спроведување фер изборен процес

105

Утре со излегување на гласачко место, почнува гласањето на седмите по ред претседателски избори во Македонија. Гласа дијаспората, поточно државјаните на Македонија кои живеат во странство. Тие имаат можност да гласаат во 31 град во светот за претседателските избори кои се закажани за среда – 24 април. Се гласа на локации каде што се пријавиле  доволен број гласачи за да се спроведат избори, а меѓу нив се  Абу Даби, Мадрид, Берлин, Виена, Венеција, Мелбурн, Минхен, Чикаго, Анкара, Софија, Белград…

Според податоците на Државната изборна комисија за гласање се пријавиле 2.569 граѓани на Македонија, кои живеат надвор од државава. Гласањето треба да биде спроведено во најголемиот број од дипломатско конзуларните претставништва, кои се отворени од 7 до 19 часот по локално време.   

Најголем интерес за гласање меѓу Македонците од дијаспората има во Германија. Според податоците на ДИК, во Берлин, се пријавиле 260 наши државјани, во Минхен 166, во Берн 186, во Бон 164 државјани, во Абу Даби 26 наши граѓани, во Белград-31, Брисел -93, Вашингтон-34, Венеција – 79, Виена – 123, Детроит-34, Загреб-87, Канбера-31, Копехаген-74, Лондон-87, Љубљана-332, Мелбурн-64, Њујорк-85, Осло-41, Париз-44, Прага-52, Рим-30, Стокхолм-85, Торонто-117, Хаг-65, Чикаго-88, Анкара-18, Варшава-23, Мадрид-18, Пекинг-12 и Софија 22 наши државјани.

Другите наши граѓани, кои живеат во странство, своето право на глас можат да го остварат во избирачките места во земјата, согласно со адресата во личните документи. 

Утре  освен дијаспората, ден пред претседателските избори на 24 април, во земјава гласаат и болните и изнемоштените лица како и затворениците.

Инаку, први во саботата гласаа членовите на избирачките одбори кои треба да го спроведат гласањето на иселениците. Станува збор за 191 лице, кои пред заминување во странство каде што членуваат во избирачките одбори, го искористија своето право на глас за изборите за претседател во просториите на Државната изборна комисија.

ДИК – двојните избори ќе чинат околу 17 милиони евра

Изминатите денови финишираа и сите активности на надлежните институции околу организирањето на изборите. Дистрибуцијата на гласачкиот материјал почна во неделата, а денеска е најавено дека ќе се изврши и дистрибуцијата на уредите за биометриска идентификација за гласачите.

Утре во оние училишта каде што во среда ќе се спроведуваат изборите, наставата ќе трае до 11 часот, по што треба да почне да се носат изборните материјали. Денеска, Државната изборна комисија почна да го доставува доверливиот и недоверливиот материјал до општинските избирачки комисии (ОИК), по што преостана тие да ги примат материјалите и да ги достават до избирачките одбори.

 ДИК проценува дека двојните избори ќе чинат околу 17 милиони евра, а претседателот на највисокото изборно тело, Александар Даштевски, вели  дека се подготвени за организирање на процесот в среда, на 24 април.

Даштевски, во интервју за МРТ, изјави дека очекува изборите да поминат во најдобар ред, а во однос на објавување на  резултати тој очекува ДИК да излезе со првични неофицијални резултати до полноќ.

Рече дека се допрецизираат деталите со цел до ДИК побрзо да се испраќаат поважните податоци и првичните резултати веќе да бидат објавени до полноќ.

Партиите се многу побрзи во објавувањето на резултатите затоа што нивните членови се на лице место. Имаме план кој треба да го доразработиме со компанијата, која ќе биде задолжена за објавување на податоците, со цел некои податоци кои се најважни да ги испраќаат побрзо за да ги објавиме првичните неофицијални резултати до полноќ. Сметам дека ќе успееме во тоа“, рече Даштевски. 

Денеска, на полноќ истекува и последниот ден од кампањата за претседателските избори на 24 април и почна молкот, што завршува на денот на гласањето во 19 часот. И покрај молкот за претседателските избори, изборната кампања за парламентарните избори на 8 мај ќе се одвива и нема да биде прекината.   

За досегашната кампања, Даштевски оцени дека била во рамки на правилата на игра и дека досега не се забележани посериозни инциденти. 

Во однос на тоа што веќе е започната кампањата за парламентарни избори, а во вторник е изборен молк за претседателските избори, Даштевски појасни дека овој ден може да продолжи кампањата за парламентарните избори, но дека не смее да се промовираат претседателските кандидати во медиумите. 

Во однос на цензусот за претседателските избори и дали би можело да се случи тој да не се постигне во вториот круг, Даштевски очекува дека цензусот ќе се постигне. 

На седмите претседателски избори, што ќе се одржат задутре,  право на глас имаат 1.814.317 гласачи. Од нив, во изводите од Избирачкиот список за гласање во државата се запишани 1.713.758 избирачи. Во Македонија гласањето на седмите претседателски избори треба да се спроведе на 3.480 избирачки места во државата, но на 120 избирачки места има помалку од десет гласачи и тие  се упатени правото на глас да го остварат во најблиското избирачко место.

(М.С.)